ЕУ ќе поставува кабел за интернет-сообраќај под Црното Море
ЕУ планира да постави подводен интернет-кабел во меѓународните води во Црното Море со цел да ја подобри поврзаноста со Грузија и да ја намали зависноста од комуникациската инфраструктура што минува низ Русија, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Земјите членки на ЕУ ќе поврзат со Кавказ со кабел долг 1.100 километри, чие поставување ќе чини 45 милиони евра, но проектот е сè уште во фаза на разгледување и за него сè уште нема издвоено средства.
„Проектот има цел да ја намали зависноста на регионот од копненото оптичко поврзување што минува низ Русија“, се вели во документот на Европската комисија.
Потребата од црноморски интернет-кабел беше заеднички идентификувана од ЕУ и Грузија во 2021 година со цел да се подобри дигиталната поврзаност на источноевропската земја.
„Конфликтот во Украина само ѝ даде поттик на идејата бидејќи се јави потреба да се избегне зависноста од врски што не се безбедни или стабилни“, изјави за „Фајненшл тајмс“ лице запознаено со предлогот.
Каблите за интернет се во фокусот и поради глобалната загриженост поради ризикот од шпионажа бидејќи копнените врски и станиците каде што подводните кабли излегуваат на брегот се сметаат за ранливи на пресретнување од страна на странските влади, хакерите и на крадците.
Загриженоста за намерна саботажа на подводните кабли и другата поморска инфраструктура дополнително се зголеми по повеќекратните експлозии на гасоводот „Северен тек“ во септември минатата година.
Рајнхард Бутикофер, член на Европскиот парламент и претседател на делегацијата на ЕП во Кина, вели дека Русија сигнализирала подготвеност да ја таргетира чувствителната инфраструктура.
Патем, околу 99 % од интерконтиненталниот интернет-сообраќај – податоци, пораки, електронска пошта и видеоповици – се пренесуваат преку повеќе од 400 активни подводни кабли, со вкупна должина од 1,4 милион километри.
Подземните копнени кабли пренесуваат податоци и на меѓународно ниво, а Русија е една од неколкуте правци по кои патуваат пакетите со податоци меѓу Азија и Европа и е составен дел од мрежата во некои делови на Азија и Кавказ.
Западот е загрижен и за Кина, која, како што пишува „Фајненшл тајмс“, почнала да се меша во проектите за инсталирање и одржување на подводните интернет-кабли низ Јужното Кинеско Море, а Пекинг се обидува да воспостави поголема контрола врз инфраструктурата.
Тајванските власти неодамна ги обвинија кинеските рибарски и товарни бродови за прекинување два интернет-кабли, кои го поврзуваат главниот остров на Тајван со еден од неговите помали острови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа