ЕУ привремено го забрани увозот на украинскo житo во пет држави

 

 

Европската комисија привремено го забрани увозот на пченица, пченка, семе од репка и сончоглед од Украина во пет земји-членки на ЕУ, со одредба дека овие производи сепак ќе можат да минуваат низ тие земји.

Комисијата наведува дека станува збор за „привремена, превентивна мерка“, која е неопходна со оглед на исклучителните околности на сериозни логистички тесни грла во пет земји-членки – Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка. Во исто време, Бугарија, Унгарија, Полска и Словачка се обврзаа да ги укинат едностраните мерки што ги донесоа за забрана на увоз на пченица, пченка, маслодајна репка и сончоглед од Украина. Романија не воведе еднострани мерки.

„Целта е да се ублажат логистичките тесни грла поврзани со овие производи во Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка. Мерките ќе стапат на сила на 2 мај и ќе траат до 5 јуни 2023 година“, соопшти Комисијата. Во овој период овие производи ќе продолжат да бидат во слободен промет во сите земји членки на Европската унија, освен во петте земји членки на првата линија.

Тие производи може сè уште да транзитираат низ териториите на тие пет земји-членки преку заедничката царинска транзитна постапка. Во овие пет земји-членки ќе може да се увезуваат житни култури само доколку се наменети за транзит кон други членки на Унијата или во трети земји, се појаснува во информацијата.

Минатиот петок, членките на ЕУ поддржаа едногодишно продолжување на регулативата според која ЕУ ги укина царините за украинското жито. Сега тоа треба да го потврди Европскиот парламент, а потоа и Советот на ЕУ.

02.05.2023 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега