Запленети 850 килограми дрога и над 50 милиони евра, уапсени се 288 лица во акција на Европол
Во операцијата со кодно име „SpecTor“, координирана од Европол, уапсени се 288 лица осомничени за купување или продавање дрога. Во рамки на акцијата запленети се повеќе од 50,8 милиони евра во готовина и виртуелни валути, 850 килограми дрога и 117 огнено оружје, пренесуваат медиумите во регионот.
Запленетата дрога вклучува повеќе од 258 килограми амфетамин, 43 килограми кокаин, 43 килограми МДМА и над 10 килограми ЛСД и апчиња екстази. Операцијата „SpecTor“ беше спроведена во девет земји. Апсењата се извршени во САД (153), Обединетото Кралство (55), Германија (52), Холандија (10), Австрија (9), Франција (5), Швајцарија (2), Полска (1) и Бразил (1).
Инспекторите сè уште се обидуваат да идентификуваат дополнителни лица кои стојат зад сметките на т.н темна мрежа. Бидејќи националната полиција добива пристап до обемните списоци на купувачи, илјадници купувачи ширум светот сега се изложени на ризик од кривично гонење.
Како одговор на оваа координирана операција, германските и американските власти го затворија „Hydra“, пазарот со најголема заработка на темната мрежа, минатиот април. За време на споменатата акција, германските власти конфискуваа 23 милиони евра криптовалути. Европол нагласи дека меѓународната соработка меѓу полициските тела е клучна за борбата против криминалот на темната мрежа.
„Нашата коалиција на три континенти докажува дека сите работиме подобро кога работиме заедно. Оваа операција испраќа силна порака до криминалците на темната мрежа: меѓународната полиција има средства и способност да ве идентификува и да ве повика на одговорност за вашите незаконски активности, дури и на темната мрежа“, изјави Кетрин Де Боле, извршен директор на Европол.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа