Зеленски за синоќешното ракетирање во Украина: Нема да заборавиме ниту едно злосторство

 

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги коментираше синоќешните руски ракетни напади врз Уман, Днипро и Киев.

Тој на својот канал „Телеграм“ објави видеа и фотографии од последиците од нападот и напиша: „Мое сочувство до сите што ги загубија своите најблиски поради рускиот терор“.

„Благодарен сум на нашите воздушни сили, на нашата противвоздушна одбрана, на сите што помагаат да се надминат последиците од непријателските напади, на сите што го штитат нашиот народ. Овој руски терор мора да се соочи со фер одговор од Украина и од светот. И ќе се соочи“, додаде Зеленски.

„Секој ваков напад, секој ваков злобен чин врз нашата земја и народ ја приближува терористичката држава Русија до уништување и казна, а не обратно, како што мислат. Нема да заборавиме ниту едно злосторство и нема да дозволиме напаѓачите да избегаат од одговорност“, најави украинскиот претседател.

Украинскиот министер за внатрешни работи, Ихор Клименко, изјави дека бројот на жртвите во рускиот ракетен напад врз деветкатна станбена зграда во Уман, град кој се наоѓа на околу 200 километри јужно од Киев, се искачи на најмалку 10. Седумнаесет лица се ранети.

Руски проектил ја погодил зградата пред зори, додека жителите сè уште спиеле. Во југоисточниот град Днипро, руските сили погодија куќа со проектил и убија 31-годишна жена и нејзината двегодишна ќерка, објави регионалниот гувернер Серхи Лисак.

Така, бројот на загинати во најголемиот руски ракетен напад врз Украина во изминатите два месеци се искачи на 12 лица.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека „вистинската цел на западните сојузници во Украина е да и нанесат стратешки пораз“ на Русија.

Како што јави руската режимска новинска агенција РИА, Шојгу исто така рече дека „Западот и се заканува на Кина“ и сака „да ја задржи својата монополска позиција“.

„Речиси сите членки на НАТО ги користат своите воени капацитети против Русија“, рече Шојгу.

28.04.2023 - 10:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега