Озлогласениот италијански мафијаш Пасквале Бонавота уапсен во катедрала
Еден од босовите на италијанската мафија, Пасквал Бонавота, е уапсен во катедралата во Џенова на северот на Италија, јавува Би-Би-Си.
Полицијата соопшти дека Бонавота (49) ја предводи озлогласената мафија „Ндрангета“ и бил баран од 2018 година, кога полицијата издала налог за апсење за убиство и организиран криминал.
„Ндрангета“ е најмоќното италијанско мафијашко семејство, кое сега контролира околу 80 отсто од трговијата со кокаин во Европа.
Се заснова на семејни кланови и кои традиционално ги контролираат планинските села во Калабрија.
Бонавота, опишан од „Ла Стампа“ како „бејби бос“, во моментот на апсењето бил во градската катедрала и носел лажни документи.
Тој е еден од обвинетите во актуелното „макси-судење“ во кое повеќе од 300 лица се соочуваат со обвиненија поврзани со организиран криминал.
Бонавота е опишан како лидер „кој ги донел најважните одлуки“ заедно со другите шефови на „Ндрангета“ и се грижел за интересите на групата во регионот на Рим, секторите за коцкање и трговијата со дрога, пренесува АФП.
Неговото апсење доаѓа три месеци откако полицијата го уапси сицилијанскиот мафијашки бос Матео Месина Денаро во јануари по 30 години бегство.
Коза Ностра од Сицилија и Камора од Неапол се попознати во светот, но тие се ослабени од акциите на полицијата. Како резултат на тоа, Ндрангета се издигна на нивно место и сега е најмоќната мафијашка група во Италија, со центри низ целиот свет од Јужна Америка до Австралија и годишни приходи од околу 60 милијарди долари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа