Пукале на авион за евакуација во Судан, има повредени
Суданските паравоени сили за брза поддршка (РСФ) пукаа врз турски авион за евакуација при слетувањето на аеродром во близина на Картум, при што беше ранет член на екипажот.
Во таа прилика е оштетен и резервоарот за гориво, соопшти суданската армија, наведувајќи дека авионот слетал безбедно и дека леталото се поправа.
Конфликтните страни во Судан се согласија да го продолжат примирјето за уште 72 часа, со посредство на САД и Саудиска Арабија. Новото примирје стапи на сила вечерва на полноќ по локално време.
Вооружената борба за моќ меѓу суданската армија и РСФ избувна на 15 април, а првиот 72-часовен прекин на огнот беше на сила од полноќ од понеделник до вторник.
Суданските вооружени сили (САФ) соопштија дека САД и Саудиска Арабија посредувале за договор за прекин на огнот и дека прекинот на огнот се користи за евакуација на странски државјани од Судан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа