Захарова: Не би требало да го тестирате нашето трпение околу нуклеарното оружје

 

 

Русија не планира да оди по патот на нуклеарна ескалација во нејзиниот конфликт со Западот околу Украина, но другите не треба да го тестираат нејзиното трпение, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Нејзините коментари уследија по серијата предупредувања од високи руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин, дека западната воена поддршка за Украина ги зголемува ризиците од катастрофален нуклеарен конфликт.

„Ќе направиме се за да го спречиме развојот на настаните според најлошото сценарио, но не по цена на кршење на нашите витални интереси“, рече Захарова на редовната прес-конференција, пренесува Ројтерс.

„Не препорачувам некој да се сомнева во нашата решителност и да ја тестира во пракса“, додаде таа.

Русија остро го критикуваше снабдувањето со западно оружје за Украина и проширувањето на воената алијанса на НАТО поблиску до нејзините граници со додавањето на Финска, која овој месец стана 31-та членка на Организацијата на Северноатлантскиот договор.

„САД продолжуваат намерно да ги кршат нашите фундаментални интереси, намерно создаваат ризици и го зголемуваат влогот во конфликтот со Русија…“, рече Захарова.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, близок соработник на Путин, изјави претходно оваа недела дека светот е „многу веројатно на работ на нова светска војна“.

27.04.2023 - 17:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега