Тајани: Балканот не може веќе да чека
Балканот не може повеќе да чека, вели италијанскиот министер за надворешни работи и потпретседател на Советот на министри, Антонио Тајани во авторски текст за српски „Блиц“. Тој пишува дека заедно со министрите за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и Шведска, која претседава со Советот на ЕУ, и со комесарот за проширување и соседска политика, разговарале како да се направи поконкретен процесот на европска интеграција на овој регион.
„Од дискусијата произлезе потребата од заедничка работа на интеграција во механизмите и институционалниот живот на Европската унија од почетните фази на преговарачкиот процес, особено во клучните сектори како енергетиката и дигиталната транзиција, инфраструктурата, образованието и истражувањето. Некои од моите колеги рекоа: „Сакаме да помогнеме во поставувањето на фазите на ова патување, а не само да ги следиме““ вели Тајани.
Тој нагласи дека го поддржува овој пристап, кој мора да ги вклучи сите шест земји во креирањето на следните фази од процесот на интеграција.
„Она што го бараат земјите од Западен Балкан не е попуст на реформите што треба да ги усвојат за да влезат во Европската унија. Бараат сигурност за процесот, роковите и пред се конечниот резултат. Навистина можев да ја почувствувам нивната фрустрација од процесот на интеграција, кој во последните години станува се понестабилен, благодарение на честото бирократско толкување на динамиката на преговорите од страна на Европската унија. На овој начин се заборава извонредната трансформативна вредност што ја има процесот на интеграција за институциите и граѓанското општество на овие земји. Европскиот сон ризикува да стане илузија за сите нив“ вели Тајани.
Италијанскиот министер потенцира дека средбата во Рим послужила веднаш да се дадат конкретни одговори.
„Јас сум оптимист за резултатите што може да се постигнат, бидејќи ја видовме подготвеноста на сите да работиме заедно, да изградиме синергија што може да му обезбеди на регионот иднина на мир и просперитет, работејќи на рушење на бариерите што го ограничуваат слободното движење на луѓето, стоки, услуги и капитал, со цел да се постигне заеднички регионален пазар како прв чекор кон интеграција на единствениот пазар на ЕУ. Имаме заеднички предизвици со Балканот, а кои исто така бараат заеднички одговори: енергетска транзиција, поддршка за раст и вработување, борба против нерегуларната миграција“ истакна Тијани.
Тој додаде дека Италија има намера да развие повеќедимензионална акција кон балканскиот регион.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа