Французите не мируваат, а Макрон има „главоболка“: Се очекува насилство, распоредени се полициски екипи

 

Франција денеска се соочува со нови штрајкови и протести ширум земјата против плановите на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, при што полицијата предупредува дека постои многу сериозен ризик од ново насилство на улиците.

Митинзите првично беа мирни, но незадоволството се зголеми кога владата го протурка законот во парламентот без гласање во средината на овој месец, а на последниот ден од националните протести во четвртокот, анархистите од Црниот блок кршеа излози, демолираа автобуски постојки и ограбија ресторан на „Мекдоналдс“ во Париз.

Слично насилство е забележано и во другите градови. Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин вчера предупреди дека постои многу сериозен ризик од ново насилство денеска, во главниот град и пошироко, пренесува „Ројтерс“.

На митинзите ќе бидат распоредени околу 13.000 полицајци, од кои нешто помалку од половина ќе бидат во Париз.

Според Дарманин, екстремистичките организации на екстремната левица, од кои некои, како што наведе, доаѓаат од странство, сакаат да ја запалат Франција. Полицијата ги советуваше трговците во Париз во делот на градот каде се одржува протестниот собир денеска да ги затворат продавниците.

Возовите и летовите ќе бидат во прекин, а некои училишта ќе бидат затворени, додека тековните штрајкови продолжуваат во енергетскиот сектор.

Најмалку шест од седумте рафинерии во Франција вчера беа затворени или работеа со намален капацитет, а терминалите за течен природен гас (LNG) беа блокирани.

Владата тврди дека законот за пензиите е од витално значење за да обезбеди функционирање на системот, додека синдикатите и демонстрантите велат дека има и други начини да се направи тоа. Синдикатите бараат од Макрон да го повлече или одложи нацрт-законот, кој е усвоен, но се уште не е објавен, додека не биде разгледан од Уставниот совет, со цел да се смири ситуацијата.

Макрон рече дека е повеќе од подготвен да разговара со синдикатите, но за други теми.

28.03.2023 - 09:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега