Гутереш: Човештвото е изложено на ризик од недостиг на чиста вода

 

 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека човештвото е изложено на ризик од глобален недостиг на чиста вода, што само ќе се влоши во наредните години.

„Го скршивме циклусот на водата, ги уништивме екосистемите и ги загадивме подземните води“, рече Гутереш на почетокот на тридневната конференција во Њујорк, на која се разговараше за светските извори на свежа вода.

„Го исцрпуваме крвотокот на човештвото со потрошувачката и неодржливата употреба на водата што испарува поради глобалното затоплување“, додаде тој.

Тоа е првиот голем состанок на ОН од 1977 година, на кој исклучиво ќе се разговара за водата. Учествуваат десетици министри и неколку лидери на држави, кои нема да направат некој позначаен договор, туку ќе гласаат за необврзувачки акциски план.

Климатските проблеми и економските тешкотии поврзани со загадувањето ја отежнуваат набавката на водата за пиење, според Светскиот извештај за води објавен пред конференцијата.

Се проценува дека десет проценти од светското население живее во земји со висок или критичен ризик од недостиг на вода.

Според друг извештај на ОН, глобалната потрошувачка на вода треба да се зголеми за еден процент до 2050 година, слично како во изминатите 40 години.

Во посиромашните земји ризикот главно се однесува на лошиот квалитет на водата, а во индустријализираните земји потрошувачката на вода во земјоделството е проблематична.

Поради климатската криза, одредени региони се значително изложени на екстремни и долготрајни суши, што има сериозни последици врз растителниот и животинскиот свет, предупредуваат експертите, пренесе „Индекс.хр“.

23.03.2023 - 21:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа