Тајланд: Маските се повторно секојдневие кај луѓето, ама не поради коронавирусот
Големи области на Тајланд се обвиени со густ смог поради палењето на стрништата, а најпогодени се северниот дел на земјата и главниот град Бангкок, јави ДПА.
Лекарите ги повикаа луѓето да носат заштитни маски на отворено за да се заштитат од вдишување ситни честички од прашина. Небото над Бангкок денеска е млечно бело со ниту еден облак и сонцето едвај наѕира низ маглата.
Загадувањето во Тајланд најмногу е предизвикано од палење на стрништа, не само во големи делови од земјата, туку и во соседните Мјанмар, Камбоџа и Лаос. Оваа активност обично резултира со високи нивоа на фини честички помеѓу јануари и март, особено во северниот дел на Тајланд.
Вредностите денеска ги надминаа безбедните нивоа во 48 од 75 провинции на Тајланд, објавија локалните медиуми.
Нитипатана Чиеракул, директор на одделот за респираторни болести во болницата Сиријај во Бангкок, рече дека загадувањето е најопасно за децата. Секое домаќинство треба да има вклучен прочистувач на воздух, советува тој и повика да се ограничат активностите на отворено во училиштата и градинките.
Метеоролозите предупредија дека смогот, кој ги покри облакодерите на Бангкок, ќе се задржи барем до утре, кога квалитетот на воздухот ќе почне да се подобрува поради силните ветрови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа