Вељаноски го честита празникот Свети Климент Охридски
Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски упати честитка до Македонската православна црква - Охридска архиепископија и неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан, како и до сите православни верници по повод големиот христијански празник Свети Климент Охридски.
- Одбележувањето на празникот Свети Климент Охридски е уште еден придонес во зачувување и унапредување на високите христијански вредности на македонската култура. Денес, сите ние се сеќаваме на значењето на овој просветител, учител и духовен водач, кој преку неговиот живот и дело го постави еден од основните темели на македонскиот идентитет и постоење. Тој ја продолжи успешно мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј во описменување и јакнењето на христијанството кај луѓето, и ја создаде Охридската архиепископија и кирилското писмо, преку кое просветли многу народи, стои во честитката од Вељаноски.
Воедно се додава, дека делата на Свети Климент Охридски во богослужбената писменост и книжевноста воопшто, се движечката сила, од создавањето до денес, и се од непроценлива вредност не само за македонскиот, туку и за останатите народи во светот.
- Убеден сум дека, во Република Македонија се негуваат традициите преку кои оддаваме почит на изминатите генерации, но и понатаму продолжуваме со заедничкото разбирање и соживот, силно мотивирани кон создавање на просперитетна држава. Заеднички да работиме за Република Македонија, за безгрижна и светла иднина на следните поколенија. Нека ни е честит празникот и за многу години, стои во честитката од претседател на македонскот Собрание Трајко Вељаноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа