Иран го обеси поранешениот заменик министер за одбрана обвинет за шпионажа
Иран го погуби британско-иранскиот државјанин Алиреза Акбари, објави денеска новинската агенција Мизан. Акбари беше осуден на смрт под обвинение дека шпионирал за Велика Британија.
„Алиреза Акбари, кој беше осуден на смрт под обвинение за корупција и опсежна акција против внатрешната и надворешната безбедност на земјата преку шпионажа за разузнавачката служба на британската влада беше погубен“, објави агенцијата Мизан на социјалната платформа Твитер.
Иранските власти го обвинија дека добил 1.805.000 евра, 265.000 фунти и 50.000 долари за шпионирање. Британија го осуди погубувањето на британско-иранскиот државјанин нарекувајќи го „варварски“ чин.
Поранешниот заменик министер за одбрана на Иран беше уапсен во 2019 година и осуден за шпионирање за Велика Британија. Акбари ги негираше наводите во обвинението. Персискиот сервис на Би-Би-Си ја објави неговата аудио порака во средата, во која рекол дека бил мачен и дека бил принуден пред камерите да признае дела што не ги направил.
Иран е една од водечките земји во светот по извршување на смртни казни. Амнести Интернешнл во април соопшти дека најмалку 251 лице биле егзекутирани од иранските власти во 2019 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа