Зеленски од Вашингтон: Војната не е завршена
Претседателот на САД, Џозеф Бајден со сопругата Џил денеска го пречека својот украински колега Владимир Зеленски, кој пристигна во Белата куќа во својата прва посета надвор од границите на земјата од почетокот на руската агресија врз неговата земја.
Во чест на посетата на Зеленски, знамето на Украина беше закачено на Белата куќа.
Телевизиската мрежа Си-Ен-Ен истакнува дека Зеленски пристигнал облечен во „своите типични зелени панталони и дуксер со обележје на мал украински грб на него“.
Зеленски пристигна од Полска со американски воен авион во американската воена база Ендрус, недалеку од Вашингтон.
Бајден му рекол на Зеленски дека Украинците „продолжуваат да го импресионираат светот“.
Во Овалната соба на Белата куќа, Зеленски му се заблагодари на Бајден, на американскиот Конгрес и на „обичниот народ“ на Америка за поддршката за Украина, а Бајден рече дека Украинците „го инспирираат светот“.
Во кратките изјави за новинарите пред приватниот состанок, Бајден му рече на Зеленски: „Чест ми е да бидам со вас“ и вети континуирана финансиска, воена и хуманитарна помош за Украина.
Бајден, исто така, предупреди дека Русија „се обидува да ја искористи зимата како оружје“ во војната против Украина.
Зеленски рече дека не можел порано да ги посети САД, констатирал дека „војната не е завршена“ и дека неговата земја се соочува со многу предизвици во борбата со Русија.
По приватната средба, Зеленски и Бајден ќе одржат прес-конференција, а потоа Зеленски ќе одржи говор во Конгресот, американскиот парламент.
„Денеска дојдов во Вашингтон да му се заблагодарам на американскиот народ, претседателот и Конгресот за нивната многу потребна поддршка и да ја продолжиме соработката за да се приближиме уште повеќе до победата“, напиша Зеленски на Телеграм. Тој додаде дека посетата ќе ја „зајакне отпорноста и одбранбените способности“ на Украина.
Зеленски претходно најави дека ќе одржи „низа преговори за зајакнување на отпорноста и одбранбените способности на Украина“.
„Посебно ќе разговараме за билатералната соработка меѓу Украина и Соединетите Американски Држави со американскиот претседател Џозеф Бајден“, рече Зеленски.
„Следната година мораме да го вратиме украинското знаме и слобода на целата наша земја, на целиот наш народ“, нагласи претседателот на Украина.
По повод посетата на Зеленски, безбедносните мерки беа зајакнати „поради загриженост“ дека Русија „сака да го онеспособи претседателот“, изјави за Си-Ен-Ен извор близок до украинскиот лидер.
Според тој извор, од превентивни причини, високи државни функционери, како и персоналот на амбасадата во САД, не биле информирани за распоредот на посетата на Зеленски.
„Зеленски сакаше да патува во САД неколку месеци, но требаше да се земат предвид одредени фактори“, изјави изворот за Си-Ен-Ен.
Според тој извор, Зеленски не сакал да патува додека не дојде до значаен развој во билатералните односи меѓу Украина и САД.
Откако го потврди планот на администрацијата на Бајден да испрати нов пакет помош за Украина, кој ги вклучува и ракетните одбранбени системи Патриот, Зеленски го виде тоа како голема промена во односите меѓу двата сојузника, наведува Си-Ен-Ен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа