Тутунопроизводителите задоволни од откупот на тутун - најмногу се откупува прва класа
Откупот на тутунот е при крај и веќе се откупуваат последните килограми произведен тутун. Годинешната реколта се откупува во 200 откупни пунктови на целата територија на државата преку 10 регистрирани откупни претпријатија.
Според процените, откупот на тутун се очекува целосно да биде завршен пред Нова година, пренесува agrotim.mk.
„Најголем дел од откупот е завршен и се очекува да биде готов до крајот на годината“, изјави министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера во Прилеп и истакна дека најголемиот дел од откупениот тутун, односно околу 14.000 тони се прва класа.
„За прва класа на тутун, државата има подготвено 80 денари субвенција по килограм“, рече Николовски и истакна дека сите овие убави вести одат во прилог на исправноста на моделот за субвенционирање. „Задоволството на тутунарите е очигледно, никогаш ваква цена на тутунот не е постигната досега“, дополни Николовски.
Агротим разговараше со Менде Стомнароски, претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, кој денеска ни изјави дека постигната е досега рекордна просечна цена за килограм тутун и за разлика од минатите години, овој пат производителите на тутун се задоволни од цените.
Тутунопроизводителката Лидија Костоска, која заедно со сопругот во една година произведуваат нешто повеќе од 1 тон тутун, вели дека годинава е задоволна од проценката и цената на тутунот.
-Поголемиот дел од тутунот ни помина во прва класа, мал дел во втора. Задоволни сме, особено што на овие пари ќе добиеме и 80 денари субвенции од државата, изјавила Костоска за Агротим.
Друг тутунопроизводител, Стеван Вељаноски од прилепско Галичани, заедно со неговото четиричлено семејство работат тутун на околу 20 декари. Целото производство или околу 5 тона е веќе откупен и е проценет како прва класа.
Колку ќе заработи едно четиричлено семејство ако произведе 3 тона тутун?
Најголем дел, според изјавите на земјоделците и МЗШВ е во прва класа. Ако знаеме дека цената на прва класа тутун е 300 денари и ги додадеме субвенциите од државата од 80 денари за килограм, значи во буџетот на семејството годинава од тутунот ќе влезат 1.140.000 денари или 18.500 евра. Според кажувањата на земјоделците трошоците им се околу 15%, значи дека семејството што значи дека семејството од тутунот ќе има месечен приход од 1.300 евра.
Ваквата математика ја потврдивме со неколку тутунопроизводители, кои велат дека ова е добра заработка и ќе продолжат да произведуваат и следната година.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа