Бесими: Нема нови даноци и зголемување на стапките, туку проширување на даночната база
Министерот за финансии Фатмир Бесими во вечерашното интервју за телевизија „Сител“ рече дека Владата денеска презентирала три ставки од Концептот на даночната реформа и тоа данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност.
– Значи, пристапот е да се направат измени кои ќе значат поддршка на одржливост на целата даночна реформа. Второ, идејата е даночниот систем да биде поправеден, потранспарентен, поедноставен и поквалитетен. И пристапот беше да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. И тоа по два основа – намалување на сивата економија и ревидирање на даночните ослободувања, рече Бесими.
Во однос на листата на производите со повластена даночна стапка од пет посто, министерот посочи дека таа ќе биде ревидирана.
– Покрај прехранбените производи, повластена даночна стапка ќе имаат и оние стоки од домашно производство, вели Бесими.
Тој потенцира дека ќе бидеме земја со најдолга листа на стоки со повластена даночна стапка во однос на земјите во регионот.
– Значи ова што се предлага е да се исчисти тој список. Ние немаме интерес, во ова време на ценовна криза и инфлација, да ги зголемиме трошоците и цените на производите врз основа на ДДВ, потенцира Бесими.
Во однос за амандманот на опозицијата за намалување на акцизите за горивата и нивното барање да се намали ДДВ-то за електричната енергија, Бесими рече дека во моментов нема потреба за намалување на акцизата на горивата, но доколку дојде таква потреба, тоа ќе се случи.
– Сè уште по возилата има по еден или двајца патници, значи сè уште може да си го дозволат тоа. Доколку трошокот е на тоа ниво граѓаните да не можат да си дозволат да возат автомобили, тие би се возеле со јавен превоз, вели Бесими, додавајќи дека кризата е од толку голем обем што и граѓаните би требало да придонесат за штедењето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа