Попоски: Грција само ја префрла топката и бега од одговорност

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, по состанокот со Северно-атлантскиот совет на НАТО, денеска во Брисел изјави дека никаде во критериумите за зачленување во НАТО не е споменато дека треба да го промените името за да бидете дел од Алијансата и дека Грција постојано ја префрла топката на земјите-членки.

Според соопштението од грчкото МНР, Евангелос Венизелос на своите колеги им порачал дека Македонија не влегува во НАТО поради неисполнување на критериумите, а не поради односите со Грција.

- Сметам дека не е првпат да се има тенденција од страна на нашиот јужен сосед да се префрла топката од едно класично попречување и прекршување на меѓународно-правната рамка што е воспоставена со Времената спогодба на ниво на целата Алијанса. Тоа е бегање од одговорноста, префрлајќи ја топката кај останатите земји-членки. По пресудата на Меѓународниот суд на правдата, многу е јасно лоцирана причината за таквото однесување и тоа е единствениот релевантен и независен извор за тоа каде треба да се изнајде решението. Меѓународниот суд на правдата јасно кажа колку конструктивен и проактивен однос има од страна на учесничките во тој билатерален наметнат спор. Најзначајно е дека никаде во критериумите за зачленување во НАТО не е споменато дека треба да го промените името за да бидете дел од Алијансата. Тоа е релевантен критериум. Она што е за нас значајно е навистина да работиме заедно оти Грција е еден од нашите клучни партнери на патот на постигнување на решение и за билатерални прашања, но и за соработката во контекст на регионот. Македонија, со исклучок на Грција е земја што има најголем интерес, токму Грција да биде во добра позиција и да имаме одлична соработка. Сметам дека на тој пат треба повеќе да ја посветиме нашата енергија во иднина, вели Попоски за МИА.

Шефицата на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, денеска со став дека е можно и Македонија да стане членка на НАТО на Самитот на Алијансата идната година: - И покрај заклучоците на Самитот во Чикаго дека е тоа последен Самит без проширување, постоеше тенденција тоа да се заборави во Алијансата, но, успеавме оти е прерано да се каже дека никој не е подготвен да стане нов член. Секретаријатот на НАТО е задолжен да подготви оценка за подготвеноста на земјите-кандидати. Наш став е и тоа го образложивме во вчерашната расправа, дека Црна Гора е подготвена и работите кои треба да ги доврши дека ќе стигне да ги комплетира до септември месец идната година. Ние сметаме и дека Македонија е земја што е подготвена, со која треба да се работи за до деветтиот месец 2014 година биде подготвена за членство. Ќе видиме како тоа ќе оди, но во случајот со Црна Гора, шансите се многу добри, изјави Пусиќ.

Инаку, министерот Попоски е во дводневна посета на Брисел.

04.12.2013 - 14:53
Фото: 
нова тв

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега