" Годинава Дојран со најдобрата летна туристичка сезона во последните 10 години" - градоначалникот даде отчет за сработеното

Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, денеска даде отчет за сработеното.

Следејќи ги принципите на отчетно и транспарентно работење,  дозволете накратко да ги информирам граѓаните на Општина Дојран, а и пошироката македонска јавност за проектите кои се започнати или реализирани во Дојран.

 Несомнено, годинава Дојран ја имаше најдобрата летна туристичка сезона во изминативе 10 години.

 Во пресрет на летната сезона, беа преземени низа мерки за организиран и спремен пречек на туристите и гости кои, престојувајќи во Дојран, неколкупатно го зголемуваат бројот на жители во Општината. Беше отворен туристичко-информативен центар, кој ја спроведе доста успешната акција за категоризација  на приватните издавачи, а на крајот тоа резултира со 30% зголемување на приходите по основ на наплата на туристичката такса. Јавното комунално претпријатие спроведе повеќе мерки за решавање на старите проблеми со паркинг и пазаришен простор. Организираниот пристап кон овие проблеми,  донесе зголемување од скоро 50% на приходите собрани по основ на паркинг и комунални такси, споредено со 2012 година.

 Изградено е и поставено понтонско пристаниште, а уредени беа шест плажи. Знаејќи дека најголема забелешка на туристите во Дојран се токму плажите, со поддршка од Владата беше објавен повик за прибирање на идејни решенија за уредување на 7 плажи во должина од 2000 метри. Во тек е изработката на основните проекти, по што ќе следуваат градежните работи за нивно уредување. Дел од нив, треба да бидат готови до наредната летна сезона, кои комплетно ќе го променат имиџот на Дојран.

 Во тек е изработката и на основен проект за продолжување на рекреативната патека од Стар до Нов Дојран во должина од 3,5 км, чија реализација ќе почне во 2014 година.

 Усвоени се урбанистички планови за две туристичко развојни зони, кои многу бргу ќе бидат понудени за продажба. При крај е и планот за формирање на индустриска зона – Дојран, каде очекуваме локациите да почнат да привлекуваат инвестиции, за чија промоција изработивме 3D видео презентација за можностите за инвестирање. Помеѓу останатото, во тек е усвојувањето на урбанистички планови со локации за хотели и хостели, ресторани и други угостителски објекти, викенд куќи, кампови, голф терен, винарии, како и нова бензинска станица, а до петок ќе се објави тендер за изработка на урбанистички планови за селата Фурка, Николиќ, Црничани и Ѓопчели.

 Изминативе шест месеци континуирано се работи на подобрување на инфрастуктурата во Дојран. Асфалтиран е влезот во Дојран во должина од 3 км, а ќе продолжи да се работи на продолжување со реконструкцијата до с. Фурка во наредната 2014 година.Зaвршена е втората фаза од реконстукцијата на локалниот пат до Црничани, а до јуни 2014, треба да биде готов и останатиот дел. Јавното комунално претпријатие досега реализираше нова канализационалинија со вкупна должина од 600 метри, а континуирано се врши промена на старите водоводни цевки.

 Набрзо во Дојран ќе биде решен и големиот проблем со пречистителната станица, која не во најдобра кондиција. Потпишан е договорот за нејзина реконстукција во износ од 340 000 евра, а до крајот на годината очекувам да биде распишан и тендерот за изведба. Со тоа, ќе се подобри функционалноста на станицата, ќе биде вградена најнова технологија, а ќе овозможи понатамошно ширење на канализационата мрежа во населените места.

 За разубавување на градот, во рамки на акцијата Ден на дрвото, беа засадени 100 палми и 1050 леандри.

 Во с. Фурка, пуштено е ново повеќенаменско спортско игралиште, а за неколку дена треба да почне да се гради исто такво и во с. Николиќ и помали спортски терени во Црничани и Стар Дојран.

 Во тек е реконстукцијата на објект во Нов Дојран, со цел негова пренамена во детска градинка, чие отварање треба да се случи во првата половина на 2014 година. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика отворено е дисперзирано одделение на Центарот за социјална работа.

 Во сопственост на општината, од страна на Владата се предадени поранешните објекти на АРМ или вкупно 4 касарни, за кои имаме заинтересирано приватни инвеститори и очекуваме овие објекти да се пренаменат и повторно да заживеат.

 За Дојран, повеќе не може да се каже дека е заборавената општина од јужното ќоше на Македонија, напротив, Дојран денес е општина која брзо се развива и стана една од поинтересните дестинации за инвестирање во Македонија.

 Во изминатите шест месеци, од вкупно 83те ветени проекти во изборната програма, целосно се реализирани 14 од нив, а почнати се и 28 други проекти или вкупно 50% од проектите во програмата. Со ова темпо на работа, со оваа динамика, која дополнително ќе ја зголемиме со планираното доекипирање на општината и јавното претпријатие, очекувам општина Дојран да биде меѓу првите општини во Македонија со целосно реализирана програма.

 На тој начин сакам да ја изразам својата благодарност до граѓаните од Дојран за укажаната доверба, во мене, во мојата младост и во вербата во иднината.

04.12.2013 - 13:29
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега