Иванов во Виена: ЕУ да остане достојна на визијата за обединет и отворен континент
Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска се обрати на третиот годишен состанок на Центарот за глобален дијалог и соработка во Виена. Тој пред присутните истакна дека петтиот позитивен извештај на Европската комисија за Република Македонија е шанса ЕУ да го оправда сопствениот кредибилитет и да овозможи почнување преговори за членство.
- Декемврискиот Европски совет веројатно ќе го има предвид она што се случи со Украина. Советот ќе има шанса потемелно да се посвети на Балканот. Потребна ни е забрзана интеграција, на сите земји од регионот, напомена шефот на државата.
Претседателот порача дека треба да се размислува надвор од шаблоните на евро и азиоцентризмот. Напредокот на земјите кои произлегуваат од овој простор и оние што сакаат да бидат поврзани со него, зависи, рече, од меѓусебната соработка и синергија: - Ниту евроцентризмот, ниту азиоцентризмот немаат иднина. Неопходно е збирно, синергетско гледање на нештата. Евроазија е повеќе од простиот збир на континенти и држави, мост меѓу Европа и Азија, меѓу разни региони и земји. Европа и ЕУ не можат без Азија. На Азија, пак, и се неоходни Европа и ЕУ. Неопходно е да ги гледаме низ призмата на вкупната добивка за сите нас, подвлече Иванов.
И според поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, актуелен прв човек на Центарот за глобален дијалог, Евроазија е новиот светски суперконтинент, економски феномен кој ќе овозможи соочување со глобалната криза и надминување на сиромаштијата. Интергирањето на Европа и Азија, заклучија учесниците, е гигантски процес, не политички или идеолошки, туку диктиран од правилата на пазарот.
Шефот на државата Иванов, кој е во работна посета на Австрија, вчера имаше средба со својот колега Хајнц Фишер. На средбата беше упатена јасна порака дека Македонија треба да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа