Муцунски најави две нови градинки во Аеродром: Среќен сум кога објавувам проекти за подобар живот
Општина Аеродром денеска објави конкурс за изработка на решение за идејни проекти за изведба на две градинки, а тоа го потврди и градоначалникот Тимчо Муцунски.
Во продолжение следи неговиот статус на Фејсбук.
„Среќен сум кога објавувам новости за проекти и промени кои ќе донесат подобар живот, за инвестиции кои после долги години ги решаваат проблемите на граѓаните и носат една нова иднина во општината.
Општина Аеродром објави конкурс за изработка на идејни решенија за две модерни и современи детски градинки. Со ова, практично го реализираме едно од моите најважни ветувања за решавање на деценискиот проблем со недостаток на места во детските градинки, а истовремено ова е почеток на крајот на чекањата, ургенции и нервози со кои долг временски период се соочуваат нашите сограѓани.
Првата градинка ќе се наоѓа во Населба Лисиче, а втората во непосредна близина на кулите Џевахир. Процесот на избор на најдобро решение ќе се спроведе низ транспарентна постапка, со вклучување на универзитетски професори и експерти од областа и поставување услови за највисоки стандарди при изведбата.
И не е само изградбата важна. Посебен акцент при изборот на идејно решение, како и самата изградба на градинките, се става на користењето на најсовремени и квалитетни материјали, енергетска ефикасност на објектот и обезбедување највисоки стандарди за згрижување и реализирање на квалитетен воспитно-образовен процес“, вели Муцунски.
04.11.2022 - 11:47
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа