Комора: И месната индустрија чека поддршка од Владата за субвенционирана струја
По најавите на Министерството за економија за поддршка на прехранбениот сектор и компаниите од месната индустрија и фармите одгледувачи на животни очекуваат да бидат вклучени во тој пакет. При посетите на „Естра Меин“, „Агрија“, земјоделската задруга „Единство“- Челопек, „Везе шари“ и ДПТ„Лецкер“ од страна на Кризниот штаб, формиран од Стопанската комора на Северна Македонија, заеднички став на овие компании е дека и тие треба да добијат субвенционирана струја, за да обезбедат опстанок на бизнисот во услови на енергетска криза.
-Во разговорите со претставниците на Кризниот штаб раководствата на овие компании, кои произведуваат исто така основни прехранбени производи (месо и месни производи), потенцираа дека цената на струјата што ќе ја обезбеди Владата, според најавите, ќе биде помала од 100 евра за мегават час, што е двојно пониска од цената на регулираниот пазар. Тоа за нив ќе значи не само опстанок на компаниите, туку и намалување на продажните цени на нивните производи и нивна поголема конкурентност. Сето тоа ќе придонесе за зачувување на економската активност во државата, како и одржување на животниот стандард на населението, соопшти Стопанската комора.
Во однос на моменталната состојба, информираа дека сметките за струја сега се и до десет пати повисоки во однос на истите месеци минатата година. Паралелно со тоа во постојан пораст се и цените на амбалажите и суровинската база.
Одгледувачите на животни, пак, укажуваат дека ова е најлошата година од почетокот на нивното работење. Сточната храна веќе е поскапена за 70 проценти, бележат екстремен раст на транспортните трошоци и на сметките за струја. Сето ова го доведува во прашање опстанокот на овие бизниси.
-Од страна на Кризниот штаб беше нагласено дека Комората останува доследна на својата определба да им помогне на компаниите на слободниот пазар на електрична енергија. И понатаму ќе биде во дневен контакт со нив, ќе предлага решенија и ќе биде проактивна и кооперативна со цел да се дојде до решение бидејќи тоа е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава, информира комората.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа