Со фалсификувани пасоши и евра заработиле 2 милиони денари - детали за акцијата "Студент"

Македонската полиција утринава спроведува акција за разбивање на меѓународна криминална група која изработувала бугарски пасоши, лични карти и патни исправи. Како што дознава Пресс 24, приведени се две лица, две се надвор од земјата, по еден сеуште се трага, а еден веќе издржува затворска казна. 

Според официјалните податоци од полицијата, во рамки на акцијата наречена "Студент" кривична пријава ќе заработат еден бугарски и пет македонски државјани на возраст од 24 до 58 години  кои формирале криминална група која вршела набавка и пуштање во оптек на фалсификувани евра, како и изготвување  и продажба на фалсификувани исправи. Криминалната група фалсификуваните евра и исправи ги набавувала од Бугарија, а за нивна изработка и набавка  бил задолжен пријавениот бугарски државјанин В.Г. Членот на криминалната група П.В. имал обврска во земјава  да наоѓа и ангажира лица членови на  здружението, кои ќе вршат превземање на фалсификуваните исправи и фалсификуваните евра, потоа пронаоѓање на заинтересирани лица за фалсификувани исправи како и пуштање  во оптек на фалсификуваните евра во Македонија и нивна понуда  и продажба како тука, така и на државјани на соседните земји. 

С.Г. и Д.К. биле задолжени за транспорт на фалсификуваните исправи и парични средства од Бугарија до Македонија, додека А.К. и Б.К. биле задолжени за пронаоѓање на лица од земјава заинтересирани за набавка на фалсифкувани бугарски и македонски фалсификувани документи. Профитот кој го остварувале се состоел од процент од вредноста на банкнотата која ја продавале, како и 200 до 300 евра од изготвена фалсификувана исправа, односно околу 200 евра за фалсификат бугарска возачка дозвола и лична карта. Цената за  фалсификат лекарско уверение од македонски институции и фалсификатот уверенија за неосудуваност од македонски судови ја наплаќале во цената за целокупната постапка за  добивање на бугарски патни исправи, или во одредени случаи посебно.Исто така без разлика дали се работело за фалсификувани документи или оригинални, за  помошта криминалната група наплаќала по најмалку 200 евра. 

За време на спроведувањето на операцијата, под име „Студент“, заради обезбедување на докази биле спроведени  претреси во домовите на пријавените лица. Според доказите, криминалната група, минатата и оваа година набавила 18 банкноти од по 50  фалсификувани евра и 33 банкноти од по 100 фалсификувани евра, со намера спротивно на законските прописи на Р.М, да ги пуштат во нелегален промет. Исто така при претресите обезбедени се докази дека  криминалната група во истиот период изработила, набавила, продала или употребила поголем број на фалсификувани бугарски и македонски документи за кои со вештачење е потврдено дека не се оригинални.

Криминалната група се стекнала со имотна корист во вкупен износ од најмалку 2.010.000 денари.

29.11.2013 - 14:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега