Јанкулоска: Инцидентите меѓу малолетниците да не се користат за дневно политички цели

Инцидентите кои се случија во изминатиот период, особено оние меѓу малолетни лица, да не се користат за дневно политика и за водење на кампања на политичките партии, порача денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ  за тоа дали полицијата ја откри причината за неодамнешните инциденти меѓу малолетниците.  

Јанкулоска посочи дека откривањето и притворањето на осомничените за еден од инцидентите во автобусите упатува јасна порака до сите дека насилството ниту треба ниту смее да биде одговор на која било ситуација.

- Верувам дека ќе се придружите кон овие мои апели и заеднички ќе ја испратиме пораката до младите луѓе за меѓусебна толеранција и разбирање во функција на надминување на сите конфликтни ситуации во кои тие можеби ќе се најдат, рече Јанкулоска.

Министерката истакна дека МВР прави сериозна анализа и води грижа да се намалат трендовите, а позитивната атмосфера да се подобри во функција на мирно надминување на тие ситуации. Јанкулоска истакна дека нејзиниот апел е и во насока на обесхрабрување на сите поединци и групи кои на кој било начин се обидуваат децата и малолетните лица да ги стават во функција на нивни дневно-политички цели.   

- Од досега регистрираните 132 случаи на насилничко однесување помеѓу деца на училишна возраст на територијата на цела Македонија, ние сме поднеле соодветни  пријави за 207 малолетни лица. Од тие 207 малолетници дури 35 се гонат кривично, а 172 имаат прекршочни пријави, рече Јанкулоска.

Карактеристично е, додаде таа, дека насилството се случува претежно во главниот град, меѓутоа има насилничко однесување и во други места.

Таа апелираше до опозицијата да им се приклучи на активностите преку кои им се праќа порака на младите.

 

28.11.2013 - 15:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега