Десет сообраќајки во еден ден - хаос на скопските улици

 

Тимовите на скопската сообраќајна полиција вчера извршиле увид на вкупно 10 сообраќајни незгоди, пренесува МИА. Во шест од несреќите била предизвикана само материјална штета, додека во три од сообраќајќите, повреди заработиле три лица, еден возач на патничко моторно возило, еден мотоциклист и еден пешак.

Според информациите на МИА, вчера попладне се случила сообраќајна несреќа на улицата „Лука Геров“ во Скопје. Во незгодата учествувале патничко моторно возило „голф“ со скопски регистарски таблички управувано од скопјанец и мотоцикл со скопски регистарски таблички, управувано исто така од скопјанец. Како последица од незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот.

- Според нашата евиденција, случени се и пет незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај, вели за МИА, Драган Вељановски, инспектор во Одделението за превенција во сообраќајот при СВР Скопје.

Во последните два дена, сообраќајната полиција детектирала поголем број на прекршоци. Вељановски за МИА вели дека биле уловени четворица возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол, петмина возачи кои не отстапиле првенствено минување на пешаците на обележан пешачки премин, седуммина возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење и 12 возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците.

Специјалните возила „пајак“ отстраниле 72 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

 

28.11.2013 - 09:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега