Г.г.Стефан: Повеќе од потребно ни е враќање на трајните духовни вредности

Повеќе од потребно ни е враќање на трајните духовни (евангелски) вредности и да се потсетуваме на тоа дека секој човек треба да биде целосно слободен, што подразбира да може да сака и да биде сакан, да се надева и да верува, да биде во рамноправна заедница со другите, а особено во заедница со Бога.

Ова попладнево ги истакна поглаварот на Македонската православна црква г.г Стефан во обраќањето пред учесниците на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог „Слободата и достоинството - основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“, што се одржува во Скопје.

Оваа наша генерација, како што рече, потребно е да биде загрижена за совеста на современиот човек.

- И покрај сите декларации за права и слободи, сè позабележителна е преокупацијата и тенденцијата како да се завладее со другите, на економски, политички, воен, па и духовен план. Никому и никаде не смее да му се одземе правото достоинствено да ја изразува и живее слободата, особено на религиозен план,  посочи г.г. Стефан. 

Тој истакна дека слободата и достоинството кои секогаш одат заедно и се дополнуваат една со друга, се основните носечки столбови на егзистирањето.

- Само човекот што го сфатил тоа и го здобива во своето живеење - умее да гради и создава на здрави основи, не само за себе, туку и за околината. Таквиот, особено ќе придонесува позитивно во меѓуверските, меѓукултурните и меѓучовечките односи, зашто, прво, е ослободен од секакво ропство кон сопствените потреби и придобивки, и второ, затоа што умее, ако не да го љуби, тогаш да го почитува различното и туѓото, рече г.г. Стефан.

Слободата, посочи тој, никогаш не смее да биде „употребена“ до таа мера што ќе стане принцип, односно предмет на обожување, а на денешниот, на современиот човек како да му се случува тоа - сакајќи да биде слободен во сè и за сè, тој всушност се заробува и станува роб на сопствените страсти, на своите недостатоци.

- Денешниот човек сака да побегне од овој свет, но не по патот што нуди мир, внатре во себе, со сите наоколу и со Бога, туку нуди привидно бегање од проблемите, од страдањата, и тоа во нереалниот свет каде што иако чувствуваме дека не сме решиле ништо, иако се гледаме кои сме и до каде сме, сепак се браниме со својата ароганција. Па затоа сè почесто слушаме за вакви и онакви права, но не слушаме за одговорности, додаде поглаварот на МПЦ г.г.Стефан.    

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов во обраќањето пред учесниците на конференцијата истакна дека сведоци сме на времето во кое се менува цивилизацијата, но, како што рече, секоја промена на цивилизацијата не е секогаш и знак за напредок.

- За жал, мораме да забележиме дека во наше време смената на цивилизациите го забрза процесот на „побркани вредности“. Ако пристапот е индивидуален тогаш постои опасност дека вредноста е само тоа што е корисно а корисноста ако е индивидуална, лична, тогаш таа преминува во егоизам. Ние се наоѓаме во тој маѓепсан круг во кој луѓето во ова наше време бараат излез и не сакаат да го спасат минатото како такво туку поучени од минатото да градат подобра иднина, рече бискупот Стојанов.

Изградбата на подобра иднина – спасувањето на општите вредности, посочи бискупот Стојанов, е задача и на црквите и на верските заедници.

- Католичкото учење буквално вели „темел на достоинството на човековата личност е тоа што таа е создадена по слика и прилика Божја“. Значи, достоинството на човекот е со Божествено потекло и затоа неговата душа, неговата совест, неговиот разум, неговата слободна волја не познава вредност. Слободата е од Бога дарувана моќ да се дејствува или не дејствува, да се прави ова или она и така самостојно да се извршуваат наменетите акти. Слободата го постигнува своето совршенство тогаш кога е насочена кон Бога, најголемото Добро и наше блаженство. Слободата вклучува и можност за избор меѓу доброто и злото, рече бискупот Стојанов.

Нагласи дека достоинството и слободата како темелни вредности на човековата личност,  се божествен поредок и затоа се неотуѓиви.

- Во фактот на признавањето на божествениот извор на овие вредности се среќаваат религиите како најповикани да зборуваат и ја пронајдат својата улога во придонесот на општеството. А верувајќи во светлината на верата сакаме да градиме складно општество и во новата цивилизација барем да пренесеме позрели плодови на овие вредности без кои, за жал, нема да има цивилизација на животот, туку на повидок би се појавила  цивилизацијата на смртта. Бидејќи ова општество сака да живее,   затоа јас на оваа конференција и посакувам живот, да направи чекор напред, дури и корисен исчекор кон цивилизацијата на животот, додаде бискупот скопски и апостолски егазарх во Македонија, Киро Стојанов.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо-Николиќ рече дека Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог е значајна платформа за запознавање на религијата и културата на сите заедници кои придонесуваат за градењето на нашето општество.

- Овогодинешната тема „слободата и достоинството“ укажува на важноста на овие две основни човечки вредности што не дефинираат индивидуално и во рамки на нашите заедници. Конференцијата има за цел да не зближи за заедно да дискутираме и да ги потврдуваме ваквите универзални вредности длабоко вкоренети во нашите религиски културни идентитети. Денес е многу значајна улогата на верските заедници во градењето на мирот и стабилноста на нашето мултикултурно општество чија реалност се менува со промените кои настануваат во поширокиот контекст, истакна Романо-Николиќ.

Токму нашите верски заедници, посочи таа, духовно го водат народот кон подобро разбирање на културата на другиот, на нашиот сосед и пријател, а преку тоа и на сопствената култура.

- Би сакала уште еднаш да ја потврдам соработката меѓу верските заедници во Македонија и да ве повикам на продлабочување на сите наши заеднички заложби во градењето на мирот и различните култури во Македонија, додаде Романо-Николиќ.

Бискупот на Евангелско-Методистичката црква Џон Роланд Шол истакна дека религиите, владите и културите ќе бидат подобри затоа што, како што рече, го имаме овој дијалог. Според него, разговорот е валутата на промена кога дијалогот е обѕирен, имагинативен и кога нуди прошка.

- Историјата, науката и верата се важни за нашите разговори. Доколку достоинството е наша цел, обѕирниот дијалог започнува со слушање за да најдеме разбирање. На слободата и треба имагинација. На нашиот пат нашата имагинација може да биде ограничена од нашиот страв од разликите. Сме станале заробеници на нашиот страв и во нашиот страв од разлики ставаме ограничување на самите себе и на другите, посочи Шол.

Тој рече дека светот станува се помалку толерантен за различни идеи.

- Во реалноста нема вера, култура, влада, нема цивилизација која се погодила како што треба. Сите имаме мани и сите имаме убавини. Сите имаме одредени непознавања и брилијантност. Сите сме бесчувствителни, но имаме и сочувство во нас признавајќи ги нашите неуспеси. Нашата сила да сакаме и проштеваме го поставува нашиот разговор кон толеранција, што се надеваме ќе се претвори во почит, додаде Шол

најчитано сега