„ЕУ не ги отвора вратите за Скопје“

Грчките медиуми, ја пренесуваат веста на МИА дека Европскиот совет (ЕС) нема да и додели датум на Република Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија на декемврискиот Самит.

„Катимерини“ во објавениот текст потсетува дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а Европската комисија од 2009 до денес пет пати испратила препорака до Европскиот совет за почеток на пристапните преговори со Унијата.

Весникот „Етнос“ пак, под наслов „ЕУ не ги отвора вратите за Скопје“, објавува дека ЕС не ги прифаќќа препораките од ЕК, најмногу поради немањето напредок во врска со прашањето за името, „а од неодамна е забележано и влошување на односите меѓу Македонија и Бугарија“.

Сите грчки медиуми објавиле речиси исти текстови на оваа тема, пренесува МИА. Тие ги пренесуваат истите делови од извештајот на МИА дека Советот ќе го поздрави напредокот на земјата во многу области, ќе побара одржување на добрососедски односи и постигнување на заеднички прифатливо решение за името, додека во однос на преговорите се очекува идентичен заклучок како пред четири години, а тоа е дека „Советот нотира дека Комисијата препорачува отворање на пристапните преговори со БЈР Македонија и ќе се врати на ова прашање за време на следното претседателство“.

„Според државната агенција МИА, единствена позитивна страна во однос на ситуацијата на Македонија во Унијата е што актуелното Литванско претседателство со ЕУ, за разлика од Ирското кое заврши во јуни годинава, нема да ја остави Македонија надвор од заклучоците, иако и ваквиот заклучок е само чекор назад во однос на евроинтеграцијата на земјата“, пренесуваат грчките медиуми.

Извор: МИА

23.11.2013 - 14:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега