За 9 месеци 139 загинати - расте бројот на жртви на сообраќајќи на македонските патишта

 

Заклучно со септември оваа година во Македонија има 139 жртви во сообраќајот за разлика од лани кога за цела година имаше 132 жртви, истакна денеска портпаролот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП) Тоше Јанев, по повод најавата на програмата за одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните несреќи на патиштата.

РСБСП во соработка со Министерството за внатрешни работи организираше тркалезна маса на тема „Како до помалку сообраќајни несреќи со фатални последици“ на која ќе се разговара за причините за сообраќајните несреќи со фатални последици од повеќе аспекти.

- На тркалезната маса ќе бидат презентирани моменталните тенденции во однос на состојбите во безбедноста на сообраќајот во Македонија и ќе се укаже на зголемување на бројот на жртвите, што ги нарушува заложбите за реализација на целите од Националната стратегија 2009-2014 година, рече Јанев.

Тој додаде дека во рамки на овие активности и Комисијата за односи со верските заедници која е вклучена во одбележување на Светскиот ден,  иницира активности на верските заедници во Македонија. За таа цел утре во сите објекти на Исламската верска заедница ќе се одржи молитва, саботна молитва во Еврејската верска заедница, а за време на неделната литургија ќе се одржи молитва во сите цркви на МПЦ - ОА, како и во останатите  27 регистрирани верски заедници во Македонија на нивните богослужби.

- Тежиштето на активностите е насочено кон одбележување на Светскиот ден на локално ниво, односно во организација на локалната самоуправа на територијата на целата држава. Активноста ќе ја реализираат општините во соработка со РСБСП, како и локалните медиуми со презентирање на бројот на загинати лица во сообраќајот на патиштата на територија на општината во 2011 и 2012, заклучно со 2013 година, истакна Јанев.

Фимка Тозија од Институтот за јавно здравје нагласи дека тие организираат повеќе активности за Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Дел од тоа е и состанокот на комисијата за стратегија за незаразни болести каде еден од приоритетите е намалување на смртноста од повреди во сообраќајот.

- Ќе подготвиме и еден прирачник за подобрување на безбедноста на патиштата наменет за родителите и децата, бидејќи сметаме дека децата се најранливата категорија на учесници во сообраќајот каде што често се активни учесници предизвикувачи на несреќите но многу повеќе страдаат како пасивни жртви на сообраќајните несреќи, истакна Тозија.

Светскиот ден за сеќавање жртвите од сообраќајни несреќи го одбележаа и невладини организации, Дирекцијата за заштита и спасување, Автомото сојузот на Македонија, Итна медицинска помош, Светската здравствена организација, Црвениот крст на Република Македонија и други.

14.11.2013 - 14:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега