Во Струга борците го одбележаа Денот на победата над фашизмот

Денеска во Струга се одбележа 9-ти Мај, Денот на победата над фашизмот. Претставници на Општинската организација на Сојузот на борците положија цвеќе пред бистите на паднатите борци и пред споменикот на Револуцијата, а потоа одржаа и говор за значењето на антифашистичкото движење и НОБ. 

- Поминаа многу години, времето е неминовност, времето поминува, а големите луѓе рекле дека вистина е она што било, ама се запишало, насликало или оспоменичило во споменот. Во спротивно, времето може толку важните збиднувања да ги фрли во заборав и после вистината да се прикаже обратно. Јас тоа го зборувам од се срце, бидејќи сега сум еден од ретките кои го доживеа тој ден, истакна Илија Балоски, еден од преживеаните струшки борци.

Претседателот на Општинската организација на Сојузот на борците, Ајредин Мехмеди зборуваше за цената што Македонија ја плати за да ја извојува победата над фашизмот во Втората светска војна.

- По тешко извојувана слобода, Македонскиот народ и народностите дадоа преку дваесет и четири илјади човечки жртви. На крајот, по сето тоа што се случи во Втората светска војна, нашата порака нека биде „Било да се памети, но не да се повтори“, рече Мехмеди.

Денот на победата над фашизмот пред Споменикот на револуцијата и останатите спомен-обележја во Струга го одбележаа претставници на општината, почитувачите на Народноослободителната војна, политичките партии, семејствата на загинатите борци од струшкиот регион, како и здруженија на граѓани.

ФОТО: Инпрес.мк

најчитано сега