Подджани измените на законите за земјоделско земјиште и за шуми

Денеска на седница собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржа измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште и на Законот за шумите, по што донесе одлука да се дадат на натамошно второ читање. 

Доставување банкарски гарации како сигурност дека избраниот понудувач ќе склучи договор за закуп и во целост ќе го реализира, пренесување на корисничкото право во случај на престанување на договорот за закуп поради бришење на индивидуалниот земјоделец од регистарот на упис, отстранување на правните товари врз земјоделското земјиште во државна сопственост и негово побрзо ставање во промет, користење на државното земјоделско земјиште од страна на казнено–поправните и воспитно-поправните установи, како и воведување дополнителен критериум, поседување грло добиток, при изборот на најповолен понудувач на јавен оглас, се дел од измените на Законот за земјоделското земјиште.

- Со предложените решенија во целост се регулира доставувањето на банкарските гаранции, критериумите при избор на најповолен понудувач по јавен оглас, постапката на склучување договори за закуп со пренесување на корисничко право, одземањето на владението во случај на раскинување на договорот за закуп и отстранување на насадите и другите движни и недвижни ствари и постапката за давање земјоделско земјиште во државна сопственост на казнено–поправните и воспитно-поправните установи, рече ресорниот заменик министер Зоран Коњановски, образложувајќи го предлог текстот.

Измените на Законот за шуми се во насока на зајакнување на националниот капацитет за ефективна, итна превенција од пожари и справување со шумските пожари што ќе има значајно влијание за локалните заедници и економијата на државата.

Како што стои во образложението, последнава декада Македонија се соочува со обемни шумски пожари кои нанесоа сериозна штета на шумите и другата вегетација на површина над 50.000 хектари. Штетите во шумите погодени од пожар како и на трошоците за справување со пожарите веќе надминаа суми од десетици милиони евра. Сите шумски пожари беа резултат на човечки активности, палење во земјоделството, невнимателно ракување со оган во шума и во определени случаи намерно подметнување пожар. Екстремно сувото време, со високи температури и чести ветрови кои преовладуваше во целата сезона на пожари дополнително придонесе за ваквите екстремни шумски пожари и значително го оневозможуваше нивното гаснење.

- Владата, преку Секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство прави напори да ја надмине ваквата ситуација. Овие напори се наведени во акцискиот план на Стратегијата за одржлив развој на шумарството. Притоа, Владата алоцира и одредени средства преку регуларна програма за санирање на последиците од шумски пожари. Сепак, големината и сериозноста на проблемот бара преземање на итна акција и ефективно решавање на проблемот, потенцира заменик министерот.

Системот за национална подготвеност за спречување на пожари кој ќе се развие по донесување на овој закон ќе базира на принципите за оддржливост и ќе спречи натамошни загуби на ресурсите на животната средина, главно шуми.

најчитано сега