Ставрески: Дел од проектите на СДСМ се необмислени, а дел се веќе реализирани од оваа Влада
Министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески, денес со бројки, аргументи, детали и прецизно ги отфрли предлозите на СДСМ, оценувајќи ги како необмислени, несериозни, направени без анализи и податоци за начините на финансирање.
Откако Зоран Заев денес промовираше дел од мерките кои тие како Влада би ги спровеле во делот на социјалната политика, Ставрески аргументирано ги поби тврдењата на СДСМ дека овие мерки може да се реализираат.
Прес-конференцијата на Заев, за Ставрески е една од низата набрзина склопени предлози и размислувања кои имаат заедничко тоа што се предлагаат работи кои веќе постоеле во минатото, без никаква новина и свежина. Наведеното во прес-конференцијата на СДСМ се набрзина направени пресметки во кои отсуствуваат главните параметри, како што рече вицепремиерот, колку чинат овие работи кои се предлагаат, како ќе се исплаќаат од кои средства и покажуваат елементарно непознавање на системот на социјалната заштита, а нема ниту сериозен и аналитичен пристап.
-Предлогот на Зоран Заев е нереален, враќање во минатото, без пресметки и несериозен пристап и без кредибилитет на предлагачот. Заев ветува нешто кое СДСМ не го направи кога беше на власт и имаше шанса за тоа.
Тоа што Заев ветува дека ќе го направи, ВМРО-ДПМНЕ веќе во голем степен го има направено, оцени Ставрески.
Она што како отворено прашање министерот го постави е тоа зошто СДСМ кога биле на власт и имале шанса, не направиле ниту една од овие мерки.
-Во 1994-та година, СДСМ ја укина мерката за продолжување на стажот. Дали Заев не е добро информиран дека ваква одлука е донесена со Законот во август 2012-та, со која беше овозможено сите кои сакаат да го купат стажот да имаат можност да се пријават. Токму струмичани и други граѓани од источниот дел на Македонија, си докупија ваков стаж, коментира Ставрески во врска со предлогот на СДСМ допрва да се доведе докуп на стаж.
Зоран Заев денес вети дека СДСМ ќе овозможи заминување во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи. Од страна на Ставрески и во овој сегмент беше побиен.
-Моделот кој го предлага Заев го нема во ниту една западна држава и не одговара на реформите кои изминативе години се спроведуваат во Македонија, реплицира министерот.
Ставрески вели дека кога буквално сите земји ја зголемија границата за стаж, Македонија не го направи тоа, туку ја остави иста.
СДСМ кога беше на власт ги намали пензиите, а денес Заев вети определување на висината на пензиите. За министерот за финансии и овој предлог е спорен.
-Кога СДСМ имаше можност да ја зголеми пензијата, не ги исплаќаше редовно истите и ги намали за 8 проценти. Чисто како споредба, од 2006-та до 2013-та година, преку мерките кои ги имаме за зголемување, пензиите се зголемени за точно 51 процент. Ако во септември 2006-та, просечната пензија изнесуваше 7688 денари, сега таа изнесува 11540 денари, рече Ставрески.
Тој потенцира дека за пензионерите не се важни само пензиите, туку и други аспекти. Во таа насока, потсети, оваа Влада спроведе низа мерки.
Оваа Влада ги зголеми пензиите, ги намали цените на лековите, обезбеди бесплатен градски превоз,..., за пензионерите со ниски пензии обезбеди бесплатно лекување, бањска релаксација.
Ветувањето кое Заев го даде за соцјалната помош е веќе реализирано. Уште поважно, Заев ветува дека оваа парична помош кога тој би дошол на власт ќе се зголеми за 40 отсто во рок од 4 години. ВМРО-ДПМНЕ од кога се на власт, социјалната помош е зголемена за 40.5 проценти.
-Паричниот надомест за помош и нега од друго лице е зголемен за 32.7 отсто. Цивилната инвалиднина е зголемена за 107 проценти. Висината на паричната помош за деца без родители над 18 години е зголемена за 32 проценти. Во 2011-та воведена е парична помош за студирање на децата без родители како ново право. 12,000 денари им се плаќаат на децата од оваа категорија, ако користи право на домување. Ако детето без родителска грижа не корсти право на домување, а студира, од државата добива 24.000 денари месечно. Кога детето ќе го напушти домот за деца без родители, му се исплаќаат еднократно 180.000 денари. Детскиот додаток од 2006-та до 2013-та е зголемен за 30 проценти, колку што е зголемен и посебниот додаток, наведе Ставрески.
И последната мерка ветена од Зоран Заев беше побиена веднаш, со факти, бројки и веќе спроведени проекти од оваа влада. За потсетување, тој вети посебен закон за правата на лицата со посебни потреби.
-Во однос на лицата со инвалидност, во 2011-та година е воведен додаток за мобилност за лица со 100 посто телесен инвалидитет, корисници на количка, во висина од 7000 денари месечно и додаток за слепило кој го користат 3000 лица, во висина од 7000 денари. Во собраниска комисија се разгледуваат четири нови права за лица од овие категории...., потенцира Ставрески.
СДСМ уште еднаш покажа елементарно непознавање и отсуство на сериозен, аналитички пристап. Она што го предлага е веќе прочитана книга и нешто што ВМРО-ДПМНЕ реално го спроведува изминативе години, посочи министерот за финансии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа