Пратениците расправаат за Извештајот на ЕК

 

Во македонското Собрание денеска пред пратениците е Извештајот за напредокот на Македонија од ЕК.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими пред пратениците истакна дека земјата по петти пат доби препорака за почеток на преговорите со Европската унија и оти во периодот до декемврискиот состанок на европскиот Совет треба да ги зајакнеме аргументите за поддршка на оваа одлука.

- Ова е главната порака од Извештајот, исклучително битна, но во него се забележани и работите што се остварени, но и областите каде што има потреба од поголема посветеност во следниот период. Тоа што е многу битно во овој период од објавување на Извештајот на ЕК до состанокот на Советот во декември, е можноста што ја дава оваа препорака за понатамошно унапредување на реформите како што се забележува во самиот Извештај и можностите да најдеме отворен и конструктивен начин за да имаме напредок во споровите со нашите соседи членки на ЕУ, Бугарија и Грција, рече Бесими.

Ивон Величковски, пратеник од Либералната партија, праша дали решавањето на спорот е еден од клучните аргументи пред Европскиот совет.

- Статус кво може да ја чини Македонија многу скапо. Кој е дијалогот со новинарите? Вие се уште ги немате повлечено предложените закони за медиуми. Пак ве повикувам да ги повлечете законите, особено законот за медиуми, рече Величковски.

За пратеникот Беким Фазлиу од ДПА, Македонија останува на исто место односно веќе оди наназад.

- Секој неуспех во евроинтеграциите во Македонија се рефлектира кај Албанците. Вие станувате главни спонзори на националистичките политики на оваа Влада, на проектот „Скопје 2014“, на навредувањето, тепањето и економскиот апархејд на Албанците..., рече Фазлиу.

Вицепремиерот Бесими, според Горан Мисовски од НСДП ниту еднаш во своето обраќање во Парламентот не ја споменал Република Македонија по име туку три пати рекол нашата земја. Мисовски изрази, како што рече, разочарување од ова, но и од фактот дека не споменал дека во Извештајот јасно и децидно е наведено дека пратениците и новинарите на 24 декември се исфрлени од Парламентот, и дека  во областа на слободата на изразување продолжи да се влошува и на домашен и на меѓународен план.

07.11.2013 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега