Научниците предупредуваат: Нуклеарен конфликт меѓу Индија и Пакистан ќе предизвика планетарна криза
Индија и Пакистан се нуклеарни сили во актуелен судир, а секоја поседува околу 180 нуклеарни боеви глави. Што би се случило доколку конфликтот ескалира до употреба на нуклеарно оружје?
Научници од Универзитетот Рутгерс во САД пред неколку години спроведоа анализа на можните последици од нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан, предупредувајќи дека таков конфликт би можел да има катастрофални последици не само за двете земји, туку и за целиот свет.
Тимот истражувачи детално опишува како би можела да започне таква војна, колку човечки жртви би предизвикала и какви би биле пошироките климатски последици.
Проценките покажуваат дека, во зависност од моќноста на оружјето – од 15 до 100 килотони – бројот на жртви би можел да достигне помеѓу 50 и 125 милиони луѓе. Покрај огромниот број на жртви, милиони ранети ќе имаат потреба од итна медицинска помош, додека многу градови во Индија и Пакистан ќе бидат уништени и ќе станат непогодни за живеење.
Уништената инфраструктура, од електричната мрежа, преку транспортните системи, па сè до банкарскиот сектор, дополнително би го парализирала општеството.
Но, авторите предупредуваат дека уништувањето нема да остане локализирано.
Нуклеарните експлозии и последователните пожари би создале огромни количини чад и саѓи, кои би се кренале високо во атмосферата. Овој чад би ја блокирал сончевата светлина и, во најлош случај, би предизвикал глобално ладење, слично на она што се случило за време на некои од големите вулкански ерупции во историјата.
Овој ефект, познат како „нуклеарна зима“, би резултирал со пад на температурите низ целиот свет, намалување на врнежите од дожд и сериозни нарушувања во глобалното земјоделство. Со други зборови, дури и земјите што не се директно погодени од нуклеарни напади би можеле да доживеат глад, економски шокови и политичка нестабилност.
Научниците истакнуваат дека последиците од овој регионален нуклеарен конфликт би биле долгорочни и планетарни.
Таквата војна нема да остане „нивен проблем“ – во свет каде што климата е меѓусебно поврзана, а глобалната трговија е кревка, нуклеарната војна меѓу Индија и Пакистан би можела да предизвика криза каква што човештвото никогаш не доживеало.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа