Радост за дечињата од ранливи категории – бесплатно ќе тренираат фудбал и пливање

 

Министерството за труд и социјална политика и Фудбалската и Пливачката федерација денеска потпишаа меморандуми за соработка. Со меморандумот се предвидува децата од ранливите категории семејства да можат бесплатно да тренираат фудбал и пливање.

Со бесплатните активности ќе бидат опфатени дечиња од 6 до 12-годишна возраст кои се приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, и деца корисници на посебен додаток.  Меморандумот за соработка со Фудбалската Федерација им овозможува на  децата од 8 до 16 години кои потекнуваат од семејства приматели на социјална парична помош како и децата без родители и родителска грижа да ја имаат можноста бесплатно да тренираат фудбал во младинските школи на фудбалските клубови од првата македонска фудбалска лига.

- Со овој благороден проект заеднички им овозможуваме на децата од ранливите категории полесен пристап до спортот, бесплатни тренинзи и можност за сите кои немаат доволно средства а имаат спортски талент да го покажат на дело и да добијат шанса, истакна по потпишувањето министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Бесплатните фудбалски тренинзи во младинските школи на клубовите од Првата Македонска лига и услугите кои ги нуди Олимпискиот базен и Пливачката Федерација во Скопје, ќе можат да ги уживаат сите деца, на кои Министерството за труд и социјална политика преку Центрите за социјална работа, ќе им издава потврди дека се корисници на некои од правата од социјалната заштита при што децата и нивните родители ќе траба со потврдите да се обратат во фудбалските клубови или пак во федерациите.

Претседателот на  Фудбалска федерација на Република Македонија, Илчо Ѓорѓиоски смета дека на ваков начин се дава можност и на оние деца чии родители немаат средства да им платат тренинзи, а тие сакаат да спортуваат и имаат талент и желба: - Се надевам, рече тој, дека на ваков начин можеби и ќе добиеме фудбалери со кои во иднина ќе се гордееме.

 

 

05.11.2013 - 14:33
Фото: 
Региони.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега