Канческа-Милевска: Ќе се интензивира промоцијата на Татиќев Камен во Кокино

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која беше во посета на Кокино, најавидека овој локалитет и понатаму ќе се промовира, а надлежните институции ќе направат програма и акциски план.

-Оваа година како што ме информираа, откриени се голем број наоди кои што ќе бидат презентирани пред јавноста на крајот од годината на изложба во Музејот на Македонија, рече министерката.

Следната година Кокино ќе биде ставено на приоритетната листа за истражување.

- Имаме голем број локалитети кои ни се во приоритет. Таа листа за идната година ќе се намали, но во листата ќе биде ставено Кокино, вели министерката.

Министерството и Управата за заштита на културното наследство ќе ја изработат програмата и акциониот план.  

-Патот кој води до локалитет е приватен дел, така што тука ќе мора да се вклучат и други ресорни институции и министертва, но со изготвувањето на акциониот план зашто ќе преземам обврска да ја информирам Владата, точно ќе се знае што и како треба да се преземе во тој останат друг дел кој е надвор од надлежност на Министертвото за култура, рече министерката додавајќи дека локалитетот ќе добие на значење за развој накултурниот туризам и за Куманово, Македонија и регионот.

Археологот Јовица Станковски објаснува дека локалитетот Кокино континуирано се истражува од 2001 година и оти завршија археолошките истражувања во делот кој припаѓа на светиот простор каде се изведувани обредите. Станковски додаде дека во идно време ќе продолжат истражувањата подалеку од врвот на локалитетот кој е предмет и на заштита и со кој се аплицира и пред УНЕСКО.

-Она што како содржина треба да го имаме и во апликациите до УНЕСКО е завршено со истражувањата, следува кратка фаза на конзервација на она што е истражено, а потоа и уредување на инфсратруктурата, пристапни патеки, информативни табли, вели Станковски.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ ќе го преземе делот на заштитата на овој споменик на културата што и досега се заштитувал.

-По фази се изработени, главно северозападниот ѕид, каде што е заштитена една долга тераса. Управата ќе помогне во доменот на оградувањето на овој споменик на културата што е и обврска за сите локалитети кои над 50 или 80% се ископани, вели Лилчиќ.

Локалитетот Татиќев Камен Кокино е откриен 2001 и со првите истражувања е утврдено дека станува збор за богато археолошко наоѓалиште од периодот на бронзеното време. Истражувата со кои раководи Станковски укажуваат дека се работи за планинско светилиште  на бронзенодопските жители на кои тие ги изведувале дел од своите обреди. Откриени се керамички садови кои праисториските жители ги оставале како дар за мајката Богинка, олицетворена преку карпестиот рид. Мерењата на астрономите ја потврдиле претпоставката дека врвот на локалитетот е користен за набљудување на движењето на Сонцето и Месечината. 

02.11.2013 - 15:32
Фото: 
Денешен

најчитано сега