Груевски: Со динамика на реформите до членство во Европската Унија
Премиерот Никола Груевски на отворањето на Меѓународната конференција „Европа помеѓу вредностите и предизвиците“, што се одржува денеска во Министерството за надворешни работи, истакна дека Република Македонија ќе ја задржи динамиката на реформите и фокусот на работа за да биде дел од ЕУ.
- Заеднички ќе продолжиме по тој пат се додека не се постигне посакуваната цел. Тоа значи дека Македонија е подготвена и натаму да учествува во спроведувањето на европските вредности и стандарди, во збогатувањето на европскиот модел на живеење и во заедничкото соочување со предизвиците на европската перспектива, истакна премиерот пред присутните.
Премиерот оцени дека ЕУ треба да продолжи со успешната приказна за проширувањето бидејќи во спротивно, ќе има неуспех и за кредибилитетот на ЕУ и за трансформацијата на Балканот.
Според него, она што се случува со Македонија и попречениот процес на нашата интеграција во ЕУ, не е одраз на замор од проширувањето или неисполнувањето на условите од наша страна. - Тоа е сосема поинакво и за мене нелогично прашање. Имаме ситуација каде една земја-членка го попречува ефектуирањето на веќе даденото ветување на Унијата за интеграција на Македонија и го попречува валоризирањето на спроведувањето на домашната агенда на една земја-кандидат која ги достигнува европските стандарди, наведе премиерот. За сите нас, истакна, е големо разочарување тоа што наметнатиот спор за името стана централно прашање во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и тоа спротивно од копенхашките критериуми.
- Тој спор е многу чувствителен, но во крајна линија тоа е билатерално прашање помеѓу две земји и не треба и понатаму да го блокира почетокот на пристапни преговори со Македонија, посочи Груевски, оценувајќи дека е време во рамки на ЕУ да се преземат неопходни чекори и да се придвижи тој процес нанапред.
- Денес благодарение на европската идеја дефинирана е и се исполнува рамката на заедничките заложби за универзална соработка. Благодарение на паневропските напори, денес се реализира проектот за единствена европска заедница, оцени Груевски.
Премиерот истакна и дека Македонија е вреден кандидат за членство во ЕУ. Македонија е партнер од доверба на меѓународната заедница и фактор кој придонесува во изнаоѓањето решение за современите предизвици.
Од своја страна и претседателот на Паневропската унија на Македонија Марјан Ѓорчев се осврна на целта на денешната дискусија во однос на барањата на ЕУ од нас: - Што бараме ние како паневропски граѓани на Република Македонија? Бараме Европа да биде искрена. Европската унија да биде искрена и да признае дека билатерален спор, кој е спор наметнат од страна на една членка на ЕУ е билатерален спор. И согласно времената спогодба, согласно со условите на ОН, со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, тој спор е исклучително билатерален и не може да ја спречува Македонија да се зачленува во било која организација, потенцира Ѓорчев.