Пак: Никогаш не го користев другото бесмислено име - секогаш ќе ви се обраќам со Македонија

Европратеничката Дорис Пак која денеска официјално пристигна во дводневна посета на Македонија, истакна дека Македонија предолгочека да ги започне пристапните преговори со ЕУ.

- Многу време помина, а работите стојат. Сметам дека колку е пократко времето до започнувањето на преговорите тоа е подобро за земјата. Сметам дека е добро да започнете. Ако предолго стоите пред вратата на крај ви се смачува, тоа е нормално, човечки. Сметам дека сте доволно зрели и мудри да знаете каде лежи вашата иднина, оцени Пак.

Според европратеничката, во моментов најголем проблем е сеуште спорот за името со нашиот јужен сосед.

- Знаете дека јас никогаш не го употребував она друго бесмислено име, секогаш велев Македонија уште од 1991 година и ќе продолжам да ви се обраќам како Македонија. Најважно е Македонија да влезе внатре, рече Пак и додаде дека Владата, парламентарците и властите во земјава навистина сакаат да одат напред и да се изнајде решение. Според мене,  постои можност и секогаш велам името си е име и вие може ги почнете преговорите, а името да се решава паралелно со нив. На крајот ве чека уште едно гласање на Советот на министрите. Доколку името не се реши, тоа повторно ќе биде проблем. Затоа велам не е фер доколку на земјата не и се даде можност да напредува бидејќи доколку не ги почнете преговорите земјата може да отиде во погрешна насока, затоа што нема инпут за усогласување со европското законодавство. Тоа може да биде опасно и верувам дека во декември има шанса ова да се смени. Извештајот на ЕК е пријателски за Македонија и овозможува Европскиот совет да донесе позитивна одлука, рече Пак.

Пак тврди дека лично разговарала со грчкиот премиер Андонис Самарас и побарала од него ситуацијата да се придвижи напред.

Европратеничката вели била зачудена кога и Бугарија истапила со проблеми со Македонија, како и Грција.

- На почетокот тие воопшто не правеа проблеми иако велеа дека македонскиот е дијалект на бугарскиот. Не сум сигурна дали оваа промена, веројатно е направена со цел и можеби постојат некои причини за кои треба да се разговара. Сметам дека Владата и Парламентот треба да бидат внимателни да не даваат повод за создавање нови проблеми. Ако сте во компликувана состојба и ви се потребни соседите треба да бидете внимателни да не создавате повеќе проблеми од тие што веќе постојат, сугерира германската европратеничка која е во посета на земјата на покана на Фондацијата „Конрад Аденауер. 

Исто така, европратеничката додава и дека Ричард Ховит е навистина посветен за напредокот на земјата и сака таа да оди напред и да биде дел од ЕУ.

 

01.11.2013 - 15:02

најчитано сега