Владата вработува 300 лица со инвалидност

Владата продолжува со мерките за вработување. Денеска е објавен оглас за вработување на 300 лица со инвалидност на неопределено време.

Како што информира министерот за труд и социјала, Диме Спасов, лицата првично ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе бидат прераспоредени во државните институции.

- На огласот можат да се јават лица со оштетен вид, слабовидни и слепи, со оштетен слух, глуви и наглуви, лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, лица со телесна инвалидност - тешка и потешка, лица со пречки во менталниот развој - лесни и умерени и лица со комбинирани пречки и инвалиди на трудот. Изборот на кандидати за засновање на работен однос ќе се врши по утврдени критериуми на бодување при што до 40 бода ќе се добиваат за период и години на невработеност, до 30 за личен приход на лицето со инвалидност, до 20 бода за приход на домаќинство и до 10 бода за еднородителско семејство или домаќинство кое има повеќе членови со инвалидност. Како приходи на домаќинство ќе се смета состојбата од 1 јануари 2013 година, а социјалната парична помош, посебниот додаток, паричниот надомест за помош и нега од друго лице и додатокот за слепило - мобилност нема да се земаат како приход, информира на денешната прес-конференција министерот Спасов.

Од 300 работни места, 160 се предвидени за помошни работници со ниско образование и квалификација, 100 за референти-извршители со средно и вишо образование и 40 соработници и советници со високо образование.

- Ги поканувам сите лица со инвалидност да ја искористат оваа шанса и да аплицираат во наредните 30 дена. Исто така, апелирам сите здруженија и национални организации на инвалидни лица да ги известат и информираат своите членови за да може што поголем број да се јават на огласот. Со Програмата за вработување на 300 лица со инвалидност ќе решиме едно од клучните прашања на секој граѓанин, а тоа е егзистенционалното прашање. Уште повеќе што овие лица имаат ограничен пристап до пазарот на трудот. Инвалидните лица имаат способности и можности да им дадеме шанса, истакна Спасов.

На прес-конференцијата свое обраќање имаше и директорот на „Македонки шуми“ Жарко Караџовски кој истакна дека при пополнувањето на формуларите на лицата коишто ќе се пријавуваат за огласот ќе им биде дадена помош од стручните служби на „Македонски шуми“.

Инаку, огласот ќе трае до 1 декември, а незадоволните ќе имаат право да поднесат жалба.

 

01.11.2013 - 14:20
Фото: 
Факултети.мк

најчитано сега