Пратениците расправаат за ребалансот на Буџетот

 

Во македонското Собрание и денеска во рамки на 75 седница, пратениците расправаат за  Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година.

На седницата, Миле Андонов од СДСМ, истакна дека ребалансот на буџетот е непотребен и резултат на погрешните политики, но и на начинот на кој лани беше донесен Буџетот. - Поводот за ребалансот се расходите во Буџетот, а не недостатокот на приходи како што вели Владата. Не ми е јасно како Владата планира да го наполни Буџетот со вака планираниот ребаланс. Во останатите четири месеци од годинава излегува дека ќе треба да го зголеми полнењето на Буџетот за 46 милиони евра месечно, и да го намали буџетскиот дефицит за 12 милиони евра месечно, рече денеска пратеникот Андонов.

Неговата сопартијка, Весна Бендевска, исто така обвини дека Буџетот за 2013 година бил донесен криминално, додека Владанка Авировиќ од СПМ истакна дека во ребалансот станува збор за минимална корекција на Буџетот преку релокација на средства.

- Во привите девет месеци од годинава во приходната стран на Буџетот реализирани се 130 милијарди денари, а во расходната 118 милијарди. Во овој период буџетскиот дефицит е 3,2 од БДП. Социјалните придонеси се очекува до крајот на годината да достигнат до 0,9 отсто што е минимално, а буџетскиот дефиците се планира да биде 3,9 отсто, рече Авировиќ.

- Фактот дека се задолжуваме и реализираме проекти за патишта и инфраструктурни проекти, за лаборатории, за образованието, за доделување евтини кредити за стопанството, ..., ни укажува дека Македонија води правилна и стабилна финансиска политика, прецизира Авировиќ. 

Пратениците се сега на пауза, а седницата ќе продолжи од 15 часот.

 

01.11.2013 - 13:34

најчитано сега