СДСМ распали по Стевчо Јакимовски
СДСМ денеска го обвини градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, дека не ги исполнил ветувањата кои ги дал пред една година и дека поради неговото несовесно работење, општината е задолжена над 15 милиони евра.
-Еве ја општинската зграда на администрацијата на Општина Карпош. Камен темелник на зградата беше удрен пред една година на 11 Октомври 2012 година . Тогаш градоначалникот изјави дека новата зграда ќе чини нешто помалку од 3 милиони евра и ќе биде готова за 8 месеци. За да ја изгради општинската зграда го продаде училиштето Братство во Нерези за 2,7 милиони евра. Тврдеше дека тие пари се наменети за изградба на општинската зграда. Денес, една година потоа, немаме училиште, немаме зграда и немаме пари, рече на денешната прес-конференција Магдалена Несторовска, координатор на советничка група на СДСМ во Карпош.
СДСМ смета дека Јакимовски несовесно раководи со општината, па затоа таа, како што рече Нестороска, денес е задолжена над 15 милиони евра.
-Го прашуваме Стевчо Јакимовски, што направи со 3 милиони евра? Каде се тие пари? Дали е точно дека општината денес е задолжена над 15 милиони евра? Зошто фирмите не сакаат да чујат да се јават на тендерите на општина Карпош? Зошто општината не ги исполнува своите обврски, ништо не гради, ништо не исплаќа, освен плати на вработените, а и тие со задоцнување! Како тоа од најуспешна општина во Македонија ја доведе на ова дереџе?, рече Нестороска.
Според СДСМ, Јакимовски секојдневно на дело покажува дека повеќе се грижи за својата партија, отколку за граѓаните на Карпош.