Струга ќе се справува со бездомните кучиња
Општина Струга идната година ќе одвои средства за решавање на проблемот со кучуњата-скитници во градот.
Таткото на Струга, Зијадин Села истакна дека е запознаен со појавата на глутници бездомни животни низ улиците и дека за нивно отстранување се потребни неопходни дополнителни финансии.
- Работам со буџетот кој беше донесен од претходна гарнитура на локалната власт на Општина Струга. Направив само ребалнс бидејќи се зголемија приходите откако станав градоначалник. Уверувам дека со буџетот за 2014-та година ќе предвидам средства да се регулира и оваа проблематика, зашто решавање на овој проблем чини средства, вели Села.
Бездомните кучиња можат да се забележат насекаде низ Струга, особено во чаршијата, на градските плажи, но и пред влезот на хотелот „Дрим“ кој се наоѓа во центарот на градот. Според менаџерката во хотелот, Ана ЈАнчевска, бездомните кучиња претставуваат опасност за гостите, но и за граѓаните.
- Од разговорите што сме ги направиле досега со нашите гости тие имаат најмногу забелешки токму за кучињата-скитници. И управата на хотелот повеќепати реагирала до општината да се реши ова, вели Јанчевска.
Минатата учебна година, вработена во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во училишниот двор беше нападната и касната од куче. Претходната локална власт предложи да се формира шелтер-центар за згрижување на бездомните животни кој ќе биде заеднички за општините Струга, Охрид, Вевчани и Дебрца, но не дојде до реализација на оваа иницијатива.