Иницијатива на ДОМ: Помош за старите и немоќни и друштво за осамените лица

 

ДОМ покренува иницијатива за изготвување програма за помош на стари и немоќни лица во нивните домови.

Оваа Програма би ја користеле: лица постари од 70 години, но и помлади доколку се со тешко нарушено здравје, хроничните болни, тешко подвижни или неподвижни лица, постари лица кои живеат сами без помошта на помлади членови на семејството, како и лица со низок социо-економски статус кои не можат да си обезбедат платена помош.

Постарите и немоќни лица би добивале помош во секојдневните домашни обврски, грижа за личната хигиена, хигиена на просторот во кој живеат,  грижа за нивната облека и обувки, за набавката на потребните продукти, плаќање на сметките и други работи кои корисниците не можат да ги извршуваат без туѓа помош.

Како што објаснуваат од партијата, помошта би опфаќала и придружба на ваквите лица до здравствените домови на редовни прегледи, или до други институции каде имаат потреба.

Од ДОМ предлагаат да се нуди помош и од лица стручни за давање социо-психолошка поддршка, кои би им помагале на лицата во поодминати години кои се доволно витални или ја имаат потребната помош околу домаќинството, но се осамени и им недостасуваат човечки контакти, друштво за разговор, одење на претстави, концерти или други културни настани.

Предлогот на ДОМ предвидува кадрите кои ќе ја пружаат оваа помош да бидат профилирани согласно различните потреби на корисниците. Во врска со донесувањето, финансирањето и надзорот на спроведувањето на оваа Програма, како и ангажирањето на лицата кои што ќе ги даваат овие услуги од ДОМ сметаат дека надлежно треба да биде Министерството за труд и социјална политика.

ДОМ сметаат дека зада се определи бројот на лицата или домаќинствата со потреба за ваква помош, најдобро е општините да ги направат неопходните анализи на својата територија.

26.10.2013 - 12:55

најчитано сега