Груевски: Влезот на Македонија во ЕУ не зависи само од Филе туку и од нашиот јужен сосед

 

Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски денеска во Брисел оствари средба со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.

Како што јавува МИА, средбата Груевски-Филе траела еден час, а тема на разговор биле последниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија, како и грчко-македонскиот спор со името.

- Најпрво му се заблагодарив на комесарот Филе за извештајот што го доби Македонија од Унијата и за трудот што тие како Комисија го вложиле за да ги направат оценките и да ја претстават ситуацијата. Подоцна во разговорот се задржавме на некои детали во врска со нашите европски процеси досега и во иднина, на сите поважни почувствителни работи, дискутирајќи во правец на тоа дека како и претходните години, и годинава Владата ќе состави еден Акциски план што ќе произлезе од укажаните слабости во самиот извештај, со цел во текот на наредните 12 месеци тие слабости да бидат отстранети, истакна премиерот Груевски во изјава за МИА по завршувањето на средбата.

Груевски посочи дека со еврокомесарот ќе продолжат да бидат во комуникација и дека се надеваат оти наскоро ќе продолжи и процесот на Пристапниот дијалог на високо нивои дека ќе се најде решение за Македонија да биде дел од ЕУ. - Тоа не е лесно прашање и не зависи од самиот Филе, туку зависи од друг, зависи од нашиот јужен сосед. Но, и на комесарот за проширување не му е сеедно што е ваква ситуацијата. Пет години по ред добиваме позитивни извештаи, пет години по ред добиваме препорака за почеток на преговорите од страна на Комисијата и пет години по ред Европскиот совет не е во можност таа препорака да ја преточи во преговори заради една земја-членка, односно нејзиното противење со нашето име на државата, на јазикот и на нацијата, додава Груевски.

Покрај денешната средба со комесарот, премиерот Груевски доцна синоќа во Брисел оствари неформална вечера со Кристијан Даниелсон, новиот директор на Директоратот за проширување на Унијата, и со Пјер Вимонт, генерален секретар на Европската служба занадворешни работи.

- Тоа беше добра можност во една неформална атмосфера да поразговараме за сите аспекти на нашето работење, за достигнувањата, за прогресот, за слабостите и за тоа како ние гледаме, а како тие гледаат на работите. Имавме размена на информации и од нив ја слушнавме нивната перцепција, што беше многу корисно за нас и се надевам и за нив и обично таквите неформални разговори се значајни во оваа работа, додава шефот на македонската Влада.

На прашањето дали по вчерашната изјава на екс-премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој за МИА кажа дека неговата земја не треба повеќе да ја блокира Македонија на Советот, Орешарски споменал нешто во таа насока, Груевски вели: -  Борисов вчера даде изјава која е за поздравување, изјава на место што се надевам дека ќе стане и начин на функционирање и работење на нашиот источен сосед, Бугарија. Средбата со Орешарски беше во добра атмосфера и навистина се надевам дека истата ќе се преслика и во десјтвувањето на луѓето што се во ЕУ испратени од страна на Бугарија. Ние имаме волја да најдеме начин да се заврши текстот на тој договор на кој толку се инсистира за пријателство. Не гледаме ништо лошо во тоа. Се работи на истиот, работните групи многу работеа на тоа, а ќе продолжи и на повисоко ниво и се надевам дека работите ќе отидат во еден добар правец и динамика.

 

25.10.2013 - 15:33
Фото: 
Новатв.мк

најчитано сега