ЕЛЕМ на средба во Дебар: Луково Поле ќе се реализира според најстрогите еколошки стандарди
Во просториите на локалната самоуправа во Дебар претставници на Светска банка, ЕЛЕМ и неколку неколку министерства одржаа заедничка средба со претставници на дебарската локална власт и на граѓански организации, околу проектот „Луково Поле“.
На денешната јавна расправа поврзана со овој проект, претставници на ЕЛЕМ, Светска Банка, Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, на жителите на Општина Дебар им го презентираа проектот Луково Поле и првичните наоди од Студијата за влијанието на животната средина.
Целта на средбата беше да се доближи проектот до жителите на општината и да се разговара за сите проблеми и евентуалната загриженост на населението во регионот за влијанието на Луково Поле врз животната средина.
Претставниците на ЕЛЕМ потврдија дека проектот „Луково Поле“ ќе се реализира според најстрогите еколошки стандарди и оти со негова реализација Република Македонија дополнително ќе ја намали увозната зависност од електрична енергија и истовремено ќе ја заштити животната средина со зголемувањето на уделот на обновливите извори и намалување на користењето на фосилни горива.
- Акумулацијата Луково Поле и Корабскиот довод ќе обезбеди собирање вода од корабското сливно подрачје што ќе се користи за производство на дополнителни 125 Gwh електрична енергија на годишно ниво од постојните хидроелектрани во Мавровскиот систем (Вруток, Врбен и Равен). Во тек е изработка на идеен и основен проект за изградба на акумулацијата, а паралелно во завршна фаза е и изработката на Студијата за оценка на влијанието врз животна средина и социјалните аспекти, изјавија преттавниците на ЕЛЕМ нагласувајќи дека оваа комуникација ќе придонесе кон поквалитетно довршување на проектите и студијата.
Идејата за овој значаен проект како дел од хидроенергетскиот систем „Маврово“ започнува уште во 1939 година, а главниот проект е изготвен во 1988 година. Во изминатиот период, главниот проект беше надополнет и усовршен. Проектот, како што беше речено, е во согласност со меѓународните конвенции за води. Причина за загриженост од евентуални влијанија врз животната средина не треба да постои, бидејќи проектот е во законски рамки и сите превземени активности се во насока на реализација на квалитетен проект од јавен интерес за кој се запазени постојните еколошки стандарди согласно строгите меѓународни директиви.
Во таа насока е и Студијата за оценка на влијанието врз животна средина што ја изработува меѓународна реномирана компанија, која наскоро треба да биде финализирана. Во документот детално се опишани и разработени сите аспекти на животната средина: геологија, квалитет на воздух, квалитет на вода и хидрологија, флора и фауна, социо-економски аспекти, управување со отпад, визуелни аспекти. Студијата потоа ќе биде јавно објавена и презентирана со јавна расправа на која ќе може сите засегнати страни да дадат свој коментар, забелешки и придонес за подобрување на нејзиниот квалитет. Студијата како важен документ на крај ќе покаже колку, како и во која мерка ќе влијае проектот врз животната средина во околината и регионот. Исто така, изработката на овој документ е според високите барања, стандарди и оперативни политики на Светска Банка и ЕУ Директивите за оваа проблематика и ќе даде точни насоки кои мерки да се превземат при реализацијата на проектот со цел да се избегнат евентуалните штетни влијанија врз животната средина.
- Согласно хидролошките податоци добиени од Управата за хидрометеролошки работи на Република Македонија, од реката Радика во Дебарско Езеро дотекуваат 17,5 м3/с од водите на таа река. Со изградбата на проектот Луково Поле и довод на Корабски води дополнителното средногодишно пренасочување на вода би било само 2.2м3/с или вкупна количина на вода што ќе се пренасочи од река Радика е 7.2 м3/с, што претставува помалку од 8 м3/с дозволени со меѓународните договори и претставува помалку од 32 % од просечниот проток во река Радика, тврдат од ЕЛЕМ.
Претставниците на дебарската локлана власт и граѓански организации го повторија категоричниот став дека се против проектот Луково Поле, оценувајќи дека со зафаќањето на дел од водата на реката Радика се прави штета на економскиот развој на поширкиот дебарски регион.
- Не се кажува кои се евентуалните штети кои од секој аспект би ги претрпела општината. Проектот се подготвувал а ниту ние како локална власт ни граѓаните не се прашани за тоа, туку ни се дава финален проект. Ние треба да знаеме каква корист ќе има нашата општина од овој проект, рече градоначалникот Ружди Љата.
Претставникот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Мохиндер Гулати, појасни дека се разгледуваат сите детали и проектот се дизајнира од домашни и меѓународни експерти.
- Се разгледуваат сите аспекти. Се настојува влијанието врз животната средина да биде на минимум. Ќе се почитуваат сите билатерални и меѓународни договори и стандарди.Ќе се подготви драфт верзија која ќе биде дадена на увид на сите. Околу проектот ќе продолжи комуникациијата, вети Гулатим.
Според него Светска банка во изминатите дваесет години подржала многу проекти во Македонија, ќе продолжи да подржува и понатаму и оти еден голем проект е подржан и за Дебар.