Средба Жедан-Димовски: Македонија направи важни чекори во земјоделството

 

Словенечкиот министер за земјоделство и животна средина Дејан Жидан, кој престојува во посета на Скопје се сретна со својот македонски колега, Љубчо Димовски и оцени дека земјава направила важни и тешки чекори во земјоделството.

- Важно е дека она што треба да се направи, мора да се направи на време затоа што во моментот кога ќе се забрза процесот на приклучување кон ЕУ, тогаш нема време. Тоа треба да се направи навреме и тогаш е можно да се користат сите европски фондови кои ви се на располагање. Македонија е на добар пат во делот на земјоделството и сакам уште еднаш да истакнам дека онаму кадешто треба помош, Македонија има пријател кој се вика Словенија, нагласи Жидан.

Двајцата министри изразија задоволство од досегашната соработка: - Годинава имаме добри резултати. Минатата година соработката беше 189 милиони евра, а во првите шест месеци од годинава достигна околу 106 милиони евра што е за 16 проценти повеќе од лани. Тоа е последица на големиот ангажман на двете министерства, оцени Жидан.

Министерот Димовски инсистирал да се зголеми пласманот на нашите градинарски производи за потребите на словенечкиот пазар, но и за потребите на словенечката преработувачка индустрија.

- Словенија, за разлика од Македонија, нема многу искуства во делот на наводнувањето. Знам дека Македонија во овој поглед има многу искуства и сакаме нив да ги искористиме. Одлучивме во 2014 година во преден план да биде водата. Ќе основаме нов директорат за вода и ќе се подговиме за инвестиции во наводнувањето, рече Жидан.

На 1 ноември во Словенија ќе се одржи состанок на Комисијата на земјоделска соработка меѓу Македонија и Словенија.

25.10.2013 - 13:45
Фото: 
Влада

најчитано сега