Првата македонска установа за едукација на пожарникари објави оглас за заинтересираните кандидати

 

Здружението за едукација за заштита од пожари „Пегаз Еду-Битола“ денеска го објави јавниот оглас за упис на заинтересирани кандидати за идни пожарникари од хемиско-технолошка струка. Создадени се услови да почне уписот на кандидати од цела држава кои со поддршка на стручни лица ќе бидат осопособени за совладување на пожарникарските вештини.

- Историјата и традицијата се на наша страна. Ако во 1836 година во Битола беше формирана првата противпожарна единица во овој дел на Балканот, логично беше и првата официјална установа за едукација на пожарникари да биде отворена во нашиот град, за што позитивно се изјасни Министерството за образование и наука, посочи Костадин Поповски, директор на првата установа од ваков вид во Република Македонија.

Денеска е објавен јавниот оглас за запишување на заинтересираните кандидати за идни пожарникари чија едукација ќе се врши во рок од шест месеци и притоа ќе биде реализирана стручно-теоретска и практична обука. По завршувањето на едукативната програма и полагањето на завршниот испит секој кандидат ќе се стекне со сертификат за стручна оспособеност за пожарникар, информираат од „Пегаз Еду-Битола“.

- Секој кандидат мора најмалку да има завршено средно образование и притоа нема да запишуваме повеќе од 16 до 20 лица заради поефикасна реализација на практичната обука која ќе се врши во најсовремени вежбални, полигони и максимално опремени кабинети. По завршувањето на обуката секој кандидат ќе биде оспособен да применува лични и колективни мерки за заштита и безбедност во работата, да дава прва помош и самопомош во случај на несреќи, ракува со противпожарните апарати и техничка опрема, проценува штети од пожари, прима и дава информации, односно секој учесник целосно ќе биде подготвен да работи во противпожарна бригада, рече Поповски.

Првата установа „Пегаз Еду-Битола“ сместена во посебен објект лоциран во поранешната касарна „Стив Наумов“, во својата работа ќе користи стручни искуства и поддршка од Велика Британија и Франција.

25.10.2013 - 10:06
Фото: 
новини.бг

најчитано сега