Борисов: Македонија е наша сестра - Бугарија не смее да ве блокира на патот кон ЕУ

 

Два дена пред да поднесам оставка на премиерското место, бев во Скопје и со македoнскиот премиер Никола Груевски се договоривме Бугарија повеќе да не ја блокира Македонија на патот кон Европската унија, изјавил за МИА, екс премиерот на Бугарија Бојко Борисов.

Борисов, кој заедно со Груевски и другите европски лидери чии партии се членки на Европските народни партии (ЕПП) учествуваат на Самит на оваа демо-христијанска партија во Брисел, вели дека се надева оти сегашната бугарска Влада ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

-Македонската држава е наша најблиска, наша сестра, а најблизок ни е и македонскиот народ. Колку побрзо оваа земја влезе во НАТО и во Европската унија, толку е подобро и за Бугарија, вели Борисов за МИА.

Лидерот на опозициската партија ГЕРБ од Бугарија, сега не знае какво е нивото на односите меѓу неговата земја и Македонија. Тој вели дека откако ја напуштил премиерската фотелја не остварил ниту една средба со македонски политичари, но оти знае дека сегашниот премиер Пламен Орешарски имал средба со првиот човек на македонската Влада.

- Кога јас отидов во Скопје, неколку дена пред мојата оставка на премиерското место, со Груевски ги договоривме условите за да бидат прифатливи за двете држави и ние повеќе да не ја сопираме Македонија на патот кон Европа, дециден е Борисов.

Тој за МИА го повторува својот став дека Бугарија не треба да стави блокада на декемврискиот Самит на Европската унија за Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори, по добиената нова препорака од Европската комисија.

- Тешко би кренал рака против Македонија и да ја сопрам за било што, оти македонскиот е наш најбратски народ, вели Борисов за МИА.

Пред неговото влегување во официјалната сала на состаноци со неговите колеги од Европските народи, Борисов дофрли до дописникот на МИА: Ете гледате дека разговаравме без преведувач и немавме проблем во комуникацијата. Нема разлика меѓу нас!”.

Пред неколку моменти и официјално започна Самитот, на кој, освен Груевски и Борисов, учествуваат и првите луѓе на Европската унија, Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Барозо, како и канцеларката на Германија, Ангела Меркел, премиерот на Луксмебург, Жан-Клод Јункер, на Грција, Андонис Самарас и други европски политички лидери. 

24.10.2013 - 13:41

најчитано сега