Кинеските компании најавуваат инвестиции во Македонија

 

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во работна средба на Кина, во Ченгду, во провинцијата Сичуан, остварил средби со раководствата на две големи компании заинтересирани за соработка со Македонија.

На средбите присуствувал и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

Се работи за Donfeng Electronic Corporation, една од најголемите компании на глобален план која произведува делови за хидро, термо, ветерни и нуклеарни централи и China Railway engeenearing group, кои веќе биле во Македонија на средби со владини претставници.

Како што пренесува МИА, раководството на компанијата  Donfeng Electronic, искажало интерес за можностите за инвестирање во Македонија во хидро, термо и алтернативни извори на енергија, како ветерници и соларни колектори за крупните енергетски проекти и планови, но, се интересирале и за поволностите за инвестирање во слободните економски зони со цел изградба на фабрика за делови и евентуално сончеви колектори. Од компанијата најавиле и скорешна посета на Македонија.

Менаџерскиот тим на China Railway искажал интерес за инвестирање во големи инфраструктурни проекти, како железница и гасификација, а пројавиле интерес и за слободните економски зони.

На средбите било договорено, наскоро, Џери Наумоф да им биде домаќин на заинтересираните кинески инвеститори, за тие да можат одблиску да се запознаат со постојните слободни зони, но и со можностите за изградба на нова слободна економска зона само за кинески компании.

Претходно, Иванов и Наумоф во Ченгду ја посетија и базата за производство на автомобили на Geely Automobile Holdings, која произведува „волво“. 

24.10.2013 - 08:26
Фото: 
МИА

најчитано сега