Пратениците ќе расправаат за Извештајот на ЕК
МАкедонското Собрание денеска ќе ја продолжи 74. седница на чиј дневен ред е Извештајот на Европската комисија за остварениот напредок на Република Македонија за 2013 година.
Пратениците ќе расправаат и за повеќе предлог закони од областа на финансиите, правдата, социјалата, земјоделството.
На дневен ред на денешната седница е Предлог законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2014 година по скратена постапка, предлог законите за медијација, за изменување и дополнување на Законот за вештачење, за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход и за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, сите во прво читање, Предлог законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево - Охрид по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на законите за пасишта, за земјоделското земјиште и за социјалната заштита.
Според агендата, пратениците треба да ги разгледаат и дополнетите предлог закони, за изменување и дополнување на Законот за трговија, за дополнување на Законот за вработување и работа на странци, за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, за правда за децата,..., сите во второ читање.