Туристите во нови термини ќе го запознаваат Скопје
ПАнорамскиот автобус „Скопје Сити Тур“ има нов возен ред. Отсега наместо од 17 часот, втората тура ќе тргнува во 13 часот од „Порта Македонија“. Терминот за првата тура од 11 часот останува ист, пишува Утрински.
-Додека има сонце ќе вози панорамскиот автобус, а потоа ќе ангажираме некој од затворените двокатни автобуси. Има прилично голем интерес за стандардната тура низ градот. Повеќе граѓани, бизнисмени, фирми се јавуваат и за 6.500 денари ја закажуваат истата маршрута и надвор од предвидените термини во 11 и 13 часот“, вели директорот на ЈСП, Мишо Николов за Утрински.
Панорамскиот автобус ги носи по улицата „Димитрие Чупоски“, десно по коловозот на „Св. Климент Охридски“, покрај Соборниот храм, објектот на Владата, па преку мостот „Гоце Делчев“ до Калето и назад до Порта „Македонија“. За време на турата, туристите можат да ги слушнат сите интересни легенди, факти и значајни настани поврзани со градот Скопје.
-Размислувавме да воведеме линија која би ги вклучила Аквадуктот и Скупи, или, пак, посета на Матка. Но, не сме сигурни и не знаеме дали воопшто ќе има интерес за такви редовни линии. Затоа овозможуваме релации по желба на граѓаните“, вели Николов за Утрински.