И Судот се јави за Кежаровски: Реакциите доаѓаат од неедуцирани новинари

 

По острата реакција на новинарските здруженија за пресудата за Кежаровски, остро одговори и скопскиот Основен суд. 

„Основниот суд Скопје 1 Скопје смета дека се неосновани изјавите на новинарските здруженија дека судот не го осудил само новинарот Кежаровски туку пресудата е вперена против слободата на изразување и слободата на медиумите, изјавата дека Македонија е единствена земја во Југоисточна Европа со осуден новинар со затворска казна заради напишан текст во кој е злоупотребен институтот заштитен сведок и е откриен идентитетот на заштитениот сведок не треба за новинарите да претставува страв за вршење на професијата туку секако да предизвика сериозна загриженост кај новинарската фела за нивото на едуцираност на поедини новинари за законските прописи од аспект на сериозноста на фактите за кои известуваат наспроти во конкретниот случај злоупотребата на новинарското перо во функција на одредени интереси под превезот на јавниот интерес. Во оваа смисла ги прашуваме новинарите и сите оние што упатија остри реакции на пресудата на судот, дали јавниот интерес за откривање на заштитениот сведок и со тоа рушење на судска постапка претставува поголем јавен интерес од јавниот интерес за откривање на еден криминален акт на кривично дело убиство, кое е мерилото на совеста и етика на фелата за дадените остри реакции кон судот со кое ваквата слобода на говорот е ставена во функција на јавниот интерес и кој му го дал на новинарот правото по субјективна оценка да го брани јавниот интерес за нешто за кое државните органи кои го штитат јавниот интерес и ги спроведуваат законите воделе постапка.

          Во конкретниот случај се реагира и се коментираат законито утврдени осуди на казни врз основа на утврдена вина од страна на суд, во постапка во која се осудени повеќе лица, а новинарот е само еден од осудените при што дубиозата на реакциите и коментарите оди дотаму што без да се има и малку познавање за конкретните факти - доказите во постапката и кривичните дела извршени од секој од обвинетите со ваквите реакции се фаворизира фактот дека еден од обвинетите е новинар наспроти тоа што се осудени и адвокати, судии, поранешни судии, обвинител и други лица па изречената казна за новинарот иако е минимална законски пропишана за тоа кривично дело се споредува со другите осудени за кои се наведува дека биле прво или второ обвинети, а кои во конкретниот случај се осудени за други независни кривични дела за што се пропишани други казни во рамките на предвиденото со материјалните закони. Со реакциите се прави обид во јавноста да се прикаже дека судот применува драконски мерки, а новинарот претставува неука странка кој не бил воопшто свесен за последиците од објавените текстови, иако истиот неспорно е правник по струка и во своите текстови во списанието Репортер кога го објавил идентитетот на заштитениот сведок, детално го обработувал Законот за заштита на сведоци и по содржина и по суштина злоупотребувајки ја притоа дејноста новинар за да се прикаже сега во јавноста дека истиот го штител јавниот интерес наспроти постапка за кривично дело Убиство која се водела пред судските органи во тој момент. За судот конечно останува посебно нејасна и загрижувачка реакцијата на ОБСЕ дека преголемата казна за Кежаровски е загрижувачки развој кој испраќа јасна порака за цензура на другите новинари, при што нејасно останува како од кои причини и на што судот врши цензура при спроведувањето на законот во една демократска држава“, - стои во соопштението до Судот

22.10.2013 - 11:42

најчитано сега